Даниел Мелвил Македонска рапсодија 36      

– Јас се занимавам со проучување на луѓето од постари времиња кои живееле на овие простори па, така и ве запознав од далеку, без да ме забележите, пред неколку месеци кога ги посетувавте остатоците од старите градови во регионот на Јукатан какви што се Мајапан, Тумал, Чичен Ица.

– Значи имаме сличен афинитет на интерес, констатира Изабела, па продолжи: Иако не се занимавам професионално со историја и археологија, некогаш дипломирав на еден факултет историја.

– Знам, веќе се информирав за вас пред да земам слобода да ви дојдам денеска на посета.

– Од каде дојдовте? Како дојдовте? Вашето појавување во куќава е најблаго речено необично?

– Дали можам да сметам на вашата тотална дискреција? Во прашање е голема тајна што никому не треба да ја доверите…

– Штом сте се информирале за мене, претпоставувам дека сте дознале и дека знам да чувам тајни, Инес, дозволете ми да ви се обратувам едноставно со вашето име или псевдоним.

– Добро. Добив ретка дозвола да ве контактирам и да ви кажам од каде идам, но претходно ги поминавме низ ситно сито информациите за вас: биографијата, карактерот, школското ниво…

– Веројатно ви сум потребна, инаку не гледам зошто токмо мене ми укажувате таква привилегија, забележа со малку иронија во гласот Изабела.

– Не ви кријам: имате право, потврди Инес.

– Почекајте да ве честам слатко, по обичајот од земјата на нашето потекло од покојниот ми маж и моја, рече Изабела, стана и донесе од некаде во куќата на послужувалник чаши пресна студена вода, слатко од смокви, што самата го направила, и сребрено лажиче. Добредојдовте, ја изрече традиционалната формула подавајќи го пред Инес послужувалникот.

Оваа го проба слаткото, во едната чаша вода го спушти употребеното лажиче, а од другата отпи две-три голтки, па оцени со задоволен израз на лицето:

– Многу рафинираноа слатко, ќе треба да ми ја издиктирате рецептата за неговото приготвување.

– Добро, Инес, а сега раскажете ми.

– Накусо, еве во што е работата: Идам од иднината. Можеби сте слушале или сте читале во научнофантастични книги за патување низ времето…

– Да, одоговори кратко Изабела не манифестирајќи на лицето никакво изненадување.

– Во Чичен Ица има еден предмет што апсолутно ни е потребно таму од каде што идам да го пронајдеме и да го проучиме. Веќе две години го бараме без успех. Потребна ни е помошта од некој кој живее во вашево време и, после подолги истражувања на лицето што би можело да ни помогне, изборот падна на вас.

– А од каде идите, Инес?

– Идам од иднината на истата оваа земја.

– Од далеку ли?

– Од време што се најдува по вашите поими на 1000 години во иднината.

– Вие, Инес, ми поставивте услови: да ви помогнам, да чувам строга тајна за сета оваа работа. Ама, услуга за услуга. Сакам да ви побарам нешто…

– А што е тоа, Изабел?

– Викајте ме Изабела.

– Добро, Изабела.

– Пред многу години го изгубив маж ми, човекот кој беше првата и единствената љубов во мојот живот. Сакам да отидеме во времето кога тој беше жив и здрав па, потоа, да ја разгледаме можноста да го спречиме неговото заболување, а после ќе решиме дали ќе ви побараме да не однесете да се населиме во вашето време, доколку светот во кој што живеете е подобар од сегашниов, а и заради тајноста, оти мојот покоен маж не е можно да се појави “воскреснат” во ова време, меѓу другото заради строгата тајност што ми ја поставивте како услов. Освен тоа, оваа епоха што сега ја живееме не е од најдобрите, верувам дека во иднината постојат поубави фази на историјата од човештвото.

– За тоа треба да дискутирам, Изабела, со надлежните луѓе во моето време, зашто таква комплицирана работа јас не смеам и не можам сама да ја решавам.

– Добро, Инес, ќе го чекам вашиот одговор.

 (продолжува)

Loading