СВЕДОКОТ И РАБОТНИКОТ ВО ДВА ЦИРКУСА

Неодамна почина Иле Спиркоски – Нанчако

Се прости од овој свет единствениот прилепчанец кој работел повеќе години во два циркуса, Иле Спиркоски – Нанчако (68). Зад него останаа вредни спомени, забележани во Зенит.

За мајсторот за челични конструкции, бил голем настан кога во градов ќе дојдел циркус. Се воодушевувал во акробаците на артистите, вештините на дресерите на животните, хуморот на кловновите… Кога заминувал, циркускиот ансамбал, солзи навирале во очите не само кај младите, туку и на повозрасните, оти не се знаело кога пак ќе гостува во градов следната екипа со голем шатор, подвижна зоолошка градина… Некогаш се чекале години.

Желбата да биде дел од циркуската екипа му се остварила на Нанчакот. Една година со Маракана и еден месец во циркусот Американ.

– По отсужувањето на воениот рок во 1977 година немаше работа овде, а пред Дрвното училиште се постави циркусот Маракана. Како сите млади љубопитно појдов да гледам. Разбрав дека барале луѓе за товарање на елементите при заминување. Се пријавив и заминавме во Кавадарци, па Струмица, Косовска Митровица, Сента, Вршац, Нов Белград, Бечеј… Станав дел од циркусот – се потсетуваше Спиркоски.

Кажуваше дека во Бечеј, од трапезот паднала девојката кој изведувала тројно салто. Долу имало поставено бебедносна мрежа, но се лизнала и од неа и излегува дури низ шатор. Жилавата и издржлива девојка со гребаници се вратила на сцената и успешно го направила салтото до крај.

– Имаше волшебници, маѓепсници на кои им ги носевме сандаците во кои влегува девојки, а маж од сите страни забодуваше сабји. Кога го отвораат сандакот, девојката ја снемуваше и излегуваше тигар. Азиски актери со врзани очи редеа копја над девојка. Храбра девојка со јаболко на главата, а маж со стрела го прободува јаболкото. Имаше трик со пили, каде сандакот го сечат на три дела,а внатре е девојката. Друг трик со девојка која ја ставаа да лебди во воздух. Ја поставуваа на сабји. За да стои така, не се гледаше обрачот околу вратот, поради долгата коса. Видов маѓепсник кој вади и пали хартија. Има кибрит со едно чкорче. Ја пали хартијата, а кибритот го фрла. Внатре, на почетокот од кибритот, има книжна пара, банкнота. Пепелта ја собира и божем од пепел ја вади парата. Чуда! Сите ги чуваа тајните на изведбите – возбудено кажуваше Нанчако.

Спиркоски откри дека шаторот бил затворен при вежби на акробатите.

Пред претставата, кинел билети, па се облекувал и на актерите им носел реквизити, маса, столче, слоновите од кафезот, па ги враќал. Не бил со лавовите, тигрите, мајмуните… Тоа било работа на дресерот.

-Сум собирал столови, маси, инвентар на циркусот, кога заминува во друго место. Циркускиот шатор е висок 15 – 20 метра, а широк околу 30 метра. Огромен што го држат 4 столба. Се става во камиони. – опишуваше Спиркоски.

Мачна била работата, оти секој трет или петти ден се правело растурање и ново кревање на шаторот и другата опрема, како чергарски живот. Само  преселби. Нема чекање, оти времето е пари. Се спиело во кампот од циркусот, и во зима, и во лето.

Со циркусот се разделил во Ријека во 1978 година, па работел во Металец, па во рудниците Саса и Бор.

Трик со слон

-Имаше трик со девојка која е под слон. Да го отепаш слонот нема да ја пушти ногата врз нејзината глава. Толку е дресиран, што слуша команда. Слонот е најчувствителното суштество. Ги познавам. Многу се послушни. Им давав јадење. Во Штип беше голема горештина. Изгореа за вода. Со нивниот стопан, Индиец, ги одведов на реката Брегалница. Се радуваа бетер од деца – велеше Нанчакот.

Кражба

– Се случи кражба во Косовска Митровица. Романци акробации со велосипеди, со две и со едно тркало. Некој ги украл велосипедите. Пријавија в милиција. Ги најде одма и до почеток на претставата ги донесе назад. Така беше во Југославија – се сеќаваше Спиркоски кој за среќа ја раскажа животната приказна да биде дел од градската историја.

Loading