ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 31

Со знак му кажав на еден од келнерите да ни послужи нова тура од истиот пијалот и, палејќи цигара, забележав:

– Не сакам да бидам тенденциозен, Сил, ама дозволи ми да се чудам сепак. Град непознат од географите, макар и среде јужноамериканската џунгла… Ајде немој, живееме во 20 век!

– Не ми верувај, ама тој градо постои. Го видов со моиве очи како тебе што те гледам. Го допрев со рацеве, спиев во него. Впрочем, тој град не е единствениот од овој вид.

– Ајде, ајде, Сил, а што правиш со авионите, со сателитите?

– Што би сакал да правам Ванко? Тие градови се видливи само од голема височина. И тоа во извесни моменти, под определени услови. Инаку, камерите и очите не можат да ги детектираат. Тоа прашање е поврзано со времето и со просторот.

– Добро, значи влеговте во тој таинствен град. И после?

– Видовме дека нема никој. Градот изгледаше мртов, напуштен. А беше во одлична состојба. Никаква урнатина, никакви оштетувања. Блескаше од чистотата, како да беше тукушто сметен, исперен, исчистен. Џунглата немаше навлезено внатре. Ниту животните. Дури ниту птиците. Како да постоеше некаква невидлива ограда што пречеше да се премине извесна граница.

– Ти и твоите пет придружници успеавте да влезете во без тешкотија?

– Да, но тоа беше затоа што бариерата е селективна.

– Ајде-де.

–  Најдовме вода за пиење, а и јадење, плодови од дрвјата во градините. Градот како да имаше своја микроклима, поднеслива, различна од џунглата, иако температутата беше околу 30 степени. Куќите беа во чудни форми. Немаше врати, ниту стакла на прозорците. Сепак нешто ги спречуваше воздушните струи да влезат во нив однадвор. По потреба силата на тие невидливи завеси можеше да се регулира на доволен интензитет за да не ги премине никој кој не го поседува “клучот”, еден вид шифра што треба гласно да се изговори. Но, ти не веруваш ништо што ти раскажувам – рече Сил со навреден изглед.

Побрзав да го окуражам да продолжи.

– Продолжи, многу е интересно.

– Мислиш оти сум улав, ама сепак продолжувам. Спиевме во градот повеќе ноќи. Потоа, еден ден, ја слушнавме експлозијата.

– Каква експлозија?

– Не беше јасно што е. Експлозијата дојде од никаде, а сепак блиску. Не предизвика штети. Експлозија дојде “од невидливото”. Не беше можно да го определиме местото. Како и да е, во дел од секунда градот исчезна од пред очите. Се најдовме во нешто како амфитеатар, каде повеќе лица изгледаа како нас да не чекале.

– На што личеа тие?

– Исти како нас. Сепак, се најдовме во друг свет, во кој луѓето се способни да летаат седнати или легнати на метални плочи покриени со цртежи, вистински уметнички творби. Нема ништо вештерско. Сé е прашање на вибрации. Со треперење може сé да се прави. Овде се потребни мотори со горива, што треба да се ладат, кои го расфрлаат најголемиот дел од енергијата како неупотребена топлина, што се арџат преку триењето на деловите. Нема мотори. Земаш в раце еден од нивните “мотори” и ништо не гледаш. Тој е парче од некој материјал без никакво значење. Парче со малку чуден аспект. Она што овде се бара во комплицираноста, во скапото, таму тие го имаат најдено во едноставноста, благодарејќи на други знаења, друга наука.

Не успевајќи сосема да ја скријам мојата нетрпеливост во гласот, го прашав:

– Како успеавте да отидете од тој мистериозен свет?

– Другарите оие останаа. Животот им се бендиса. Сам избегав.

– Како?

 (продолжува)

Loading