“АЛИ ФЕТИ ОКЈАР – ИСТОМИСЛЕНИК И СОРАБОТНИК НА АТАТУРК”

Изложба на фотографии

Вечерва од 19 часот во фоајето од ЦК “Марко Цепенков” ќе биде отворена изложбата на фотографии “Али Фети Окјар – истомисленик и соработник на Ататурк”, што е проектот на Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од Прилеп.

На 12 паноа со текст и околу 150 фотографии, низ каталог, се говори за прилипчанецот Али Фети Окјар, “стреловитата мисла”, човекот на големите денови во Турција, воено лице, политичар и дипломат, чија биографија фасцинира, како и за соработката и интелектуалното братство со “големиот” Мустафа Кемал Ататурк, таткото на современа Турција.            

Автор на изложбата е Рубинчо Белчески, историчар советник кустос во музејот.

Горан Цветкоски, директор на музејот, посочува дека изложбата е дел од проектот посветен на Али Фети Окјар, и е во програмата за остварување на национален интерес во културата, препознат како за развивање на меѓуинституционалната и меѓунационалната соработката во земјата, но и соработка со Турција.

Проектот се реализира во годината кога се одбележаа 80 години од смртта на прилепчанецот, 85 години од смртта на Ататурк “таткото на Турција” и 100 години од прогласувањето на Република Турција.

-Мојата човечка и професионална заинтересираност ме натера да почнам да истражувам за овој наш сограѓанин, чија биографија ме фасцинира и потоа следуваше подлабоко навлегување во историјата и резултатите се видливи. Али Фети, наречен Окјар, што во превод значи ,,Стреловита мисла”, е име дадено од неговиот голем пријател и соработник Ататурк, поради неговата моќна мисла која ја искажувал без страв, човек со голема мудрост, храброст, знаење, пожртвуваност, срдечност, едноставност. Двајцата на посебен начин верно, искрено, трајно, со такт и разбирање се надополнувале, а живееле далеку пред своето време и вложувале големи напори за унапредувањето на демократијата во создавањето на Република Турција –  вели Белчески, потенцирајќи дека во каталогот подготвен за изложбата се пренесени сите податоци за Али Фети.

Се планира и продолжување на проектот со што Окјар ,,ќе се врати” во родниот Прилеп, за да се поттикнат економски, културни, научни, туристички и други активности на соработка и пријателство. 

За Али фети Окјар, неделникот Зенит отстапи поглем простор преку фељтон со цел читателите да се запознаат со оваа голема личност.

Loading