ВОДИТЕЛОТ НА КВИЗОТ

На ТВ подолго се емитува квиз. Водителот не го совладал убаво македонскиот јазик. Во секоја емисија ги повторува истите грешки, а тие не се малку. Редовно ги прашува учесниците дали се подготвени. Многу често ја употребува таа придавка. Наместо дали се готови, тој редовно вели дали сте подготвени. Подготвен е оној кој одел на подготовки. Овде случајот не е таков. Станува збор за извесна психичка готовност да се учествува во еден натпревар. Во српскиот јазик зборот “подготвен” гласи “припремљен”. А припремен е оној кој бил на припреми, односно (на македонски) подготвен е оној кој бил на подготовки. Тоа често гос лушаме зас портистите. Слушаме дека биле на подготовки ваму или таму и добро се подготвиле. А учесниците во квизот не биле на никакви подготовки. Затоа не треба да се прашуваат дали се подготвени туку дали се готови. Водителот ја објаснува првата игра и вели “темата за истата гласи”… Придавската заменка “истата” овде нема место. Може да се рече “Темата за НЕА гласи” или само “Темата гласи”. Погрешната употреба на оваа заменска придавка ја слушаме и на други места погрешно. Ќе се градел автопат, ИСТИОТ ќе бидел готов за четири години. Не! ТОЈ ќе бидел готов, а не ИСТИОТ. Сме пишувале и за оваа грешка повеќепати. Затоа нема потреба повторно да детализираме.

Се бараат во квизот да се кажат некои зборови. Но, под услов да ги има во Дигиталниот речник. Така, беа дадени како одговор зборовите “ивица” и “продор”. Водителот ги прифаќа како точни, ги имало во Дигиталниот речник. А не е така. Тие зборови не се наши. Продорот е пробив, а ивицата е раб. Во тој речник тие се регистрирани, но како дијалектизми, со упатување на точните – ПРОБИВ и РАБ. Во друга емисија се бараа зборови кои почнуваат со буквата “О”. Но, да бидат најмалку од три слога. Еден од натпреварувачите го кажува зборот (прилог) ОДОВДЕ. Водителот не го признава одговорот. Според него, тоа (или според речникот) биле два збора “одовде”. Натпреварувачот ја прифаќа грешката, мислејќи дека водителот знае. А водителот не знае. Прилогот “одовде” постои (како еден збор) и го има во сите речници, па и во дигиталниот. Можно е, ова да е резултат на скопскиот говор. Се присеќаваме на едно поодамнешно време, кога во прилепскиот театар гостуваше извесна актерка од Скопје. Одлична актерка. Во еден момент, требаше да изговори една реплика која гласеше “Довде ми е дојдено”. Таа велеше “Доовдеми е дојдено”. И укажувавме дека треба “довде”. Од предлогот “до” и прилогот “овде” формиран е нов прилог – “довде”. Се мачеше, но, секогаш излегуваше “доовде”. На крајот вели: “Те разбирам, ама ете не можам”. Постојано ми иде ДО ОВДЕ.

Ајде на друга тема. Нашето здравство го тресат многу проблеми. Поточно, можеме да речеме дека тие проблеми најмногу ги чувствуваат пациентите. Новинарка зборува опширно за состојбата во нашево здравство. Запаметивме една реченица. Новинарката вели: “Здравството е на климави нозе”. Колку брзо посегнуваме по српски зборови. Придавката “климави” ја нема во нашиот јазик. Најблизок превод е “шантави”. Во Прилеп се вели “шантрав”. Некој, кого не го држат нозете велиме дека се шантра. Во речникот пишува “шанта”. Како и да е, “климав” не е наш збор. Значи, здравството е на ШАНТАВИ нозе, а не на КЛИМАВИ. Можеби најдобро е на СТАКЛЕНИ нозе, ако баш треба да се употреби таков израз.

Loading