ЛЕНЧЕ СЕ ОСУДИЛА

Одвреме- навреме на нашиве  ТВ се прикажуваат постари македонски филмови. Така го гледавме филмот “Денови на искушение”, според драмата “Црнила” од Коле Чашуле.

Зошто го пишуваме ова?

Само поради еден збор. Луѓето кои го испраќаат момчето да го убие Ѓорчета Петров, му велат: “Ти пожелуваме успех”. Ете тој е тој збор, тој глагол – ПОЖЕЛУВАМЕ. Збор е одамна заборавен. Се прокудија сите и велат “посакуваме”. Никој не помислува дека “посакувам” значи “побарувам”. Некој може од некого да посака (побара) пари на заем, може така, нели?

Гледавме некакво анкетирање по скопските улици. Темата – зголемените плати на политичарите. Една кутра женичка одговара на новинарското прашање. Револтирана, возбудена, со растреперен глас вели: “Им пожелувам на сите тие арам да им се парите! Арам, арам!”. Си рековме, најпосле да го чуеме глаголот – ПОЖЕЛУВАМ (наместо посакувам). Некогаш, кога грижата за јазикот беше голема, го слушавме тоа редовно. Сега, белки оваа женичка ќе ги потсети новинарите оти постои тој збор, и дека е неопходен. Зошто никој не размислува – новинари, политичари, коментатори, презентери, сите запнале посакуваме, папосакуваме… За жал, тоа се калеми и во речникот на обичните луѓе и сите, наместо да пожелуваат среќа некому, тие му посакуваат. Ете, кај односната женичка и покрај гневот и револтот останал зборот ПОЖЕЛУВАМ. Значи, има и такви меѓу обичните луѓе, но не сме чуле од интелектуалците.

Еве изјава на претседателката од некоја важна комисија. Вели дека и сметало тоа што немало член од ВМРО. Би било добро да има различити мислења. Госпоѓата била професорка. Не разбравме каде, но како и да е треба да знае дека глаголот “смета” е математички поим, а не пречка. А придавката “различити” треба да гласи – РАЗЛИЧНИ.

Слушавме некој коментар дека Македонија заостанувала во нешто. Не се сеќаваме во што. Но, реченицата гласеше вака: “Македонија заостанува зад останатите земји” од регионот. Што да разбереме од ова? Значи, има некои земји кои се останати, а Македонија заостанува зад нив. Така некако. Како и обично, како и секаде, не се користи зборот “другите”, туку се вели “останатите”. Колку нормално би било ако се рече: “Македонија заостанува зад ДРУГИТЕ земји од регионот”. Но, Србите велат “остали”, и ние – ОСТАНАТИТЕ. Никаде тие земји не се останати. За ваквите грешки повеќепати сме пишувале, но, еве, човек не може да остане мирен кога се слуша тоа редовно, а не треба да се слуша никогаш.

Уште една голема грешка. Голема нелогичност. Некаков буквален превод од српскиот јазик. Не можеме точно да цитираме, но приближно беше вака: Советот на јавните обвинители требало да ја земе на одговорност Ленче Ристевска, затоа што се ОСУДИЛА да критикува. Приближно, така некако. Но, нам ни го сврте вниманието глаголот “се осудила”. Тотално не мислење и преземање нешто “на готово” од српскиот јазик, се разбира, погрешно. Србите го користат тој глагол, но тие велат “усудио се”, а не “осудио се”. Ете, Ленче се осудила. А кој е тој што може самиот себе да се осуди! Оваа грешка, оваа глупост, ја слушаме мошне често и обично од луѓе кои најмалку треба да бидат глупави. Кај нас тоа треба да се рече дека некој се осмелил, се дрзнал, се решил, да направи такво нешто. Но, никако не смее да се рече дека се осудил.

Зар многу треба да се мисли, па да се дојде до ова сознание?!

Loading