ЗЛАТНА БУБАМАРА

Гледавме само дел од популарната “Златна бубамара”. Како и претходните години и сега, меѓу другото, се изнаслушавме јазични грешки. Се разбира, не може се да се забележи. Не може да се забележат сите јазични грешки. Единствено што се забележува е дека публиката уживаше, се смеше, аплаудираше, и веројатно никому не му е важно дали има јазични грешки. Нели се знае, светот знае дека ние сме си Македонци кои зборуваат на чист македонски јазик. Но, добро, за грешките малку подоцна.             

Нас овде нé измачува, подолго време, името на тој инсект. Дали треба БУБА МАРА (два збора) или, БУБАМАРА (еден збор)? Покрај сите напори, не успеавме да дојдеме до некое точно сознание. Превртуваме, пребаруваме во сите речници – залудно. Во тритомниот, најстариот наш Речник, не е одбележано името на односниот инсект. Треба да кажеме дека во тој Речник најмногу веруваме и верувавме дека ќе го најдеме точното име. Мислиме дека треба да се пишува со два збора – БУБА МАРА. Овде го сретнавме само зборот “буба”. Во новиот Толковен речник го има бараниот збор и одбележан е како еден збор – БУБАМАРА. Такво име носи и односната манифестација – ЗЛАТНА БУБАМАРА. Продолживме да пребаруваме. Постои уште еден речник на македонскиот јазик, оној од Зозе Мургоски. Таму, таа бубалка, е одбележана со два збора – БУБА МАРА. Таму пак, Мургоски прави една друга груба грешка. Вели дека тој мал топчест инсект со црвенкасти капчиња. Голема грешка е тоа – ЦРВЕНКАСТИ. Треба ЦРВЕНИКАВИ. Наставката “аст” ја нема и не смее да ја има во нашиот јазик. Во Правописниот речник го нема тоа што го бараме. Остана уште српско-македонскиот речник. Ете и таму, ем на српски, ем на македонски пишува дека тоа е еден збор – БУБАМАРА.

Уште не сме уверени дека името на тој малечок црвеникав (со црни точки) инсект треба да се пишува со еден збор. Но мораме да го прифатиме тоа. Само на едно место пишува како што мислиме ние. На повеќето места е како еден збор. За да нема забуна за кој инсект станува збор, ќе кажеме дека е тоа онаа бубалка која девојчињата кога беа мали ја држеа на дланката и викаа “Кажи бубамаро каде ќе ме мажиш”? Каде што ќе летнела бубалката, натаму некаде ќе се мажело девојчето. Кога ќе пораснело.

Толку за бубамара (буба мара) и за дилемата околу нејзиното име. Да одбележиме некои од грешките што ги слушнавме. Зборува актер, млад и не без актерски дар, но за јазикот, би рекле – бездар. Ги слушнавме зборовите “гњури” и “размишља”. Јасни се грешките, тоа се српски зборови. Не треба многу да се мисли дека не треба “размишља”, туку “размислува”. А зошто да се употребува зборот (глагол) ГЊУРИ? Тој е исто така српски. Нашиот збор е “нурка”. Слушаме ваква реченица: “Почиње Вардар да тече”! Зошто така? Зар малку е познат нашиот глагол – “почнува”? Реченицата треба да гласи – “Почнува Вардар да тече”. Во своето искажување, на едно место актерот за некого вели “Тој ги облака чизмите”. Оваа грешка е редовна, насекаде. Многу често слушаме дека некој ги облекол чевлите, друг ги облекува патиките и слично. Обувките се обуваат а не се облекуваат. Овде пак слушаме, “се облакаат”, наместо “се облекуваат”. “Збориме позади”, така вели говорителот. Зар треба да се објаснува дека треба “зборуваме”, а не “збориме”? Во скопскиот жаргон е така, но во ваквите пригоди треба да се зборува на стандарден македонски јазик, а не на скопски жаргон. А тој збор (во случајов прилог) “позади” го слушавме не еднаш и не на едно место. Српски е. Зборовите ПОЗАДИ и СПРЕДА, така велат Србите. Ние имаме ОТСПРЕДИ, ОДЗАДИ, ОДНАПРЕД, ОДНАЗАД. Тоа се нашите зборови. ПОЗАДИНА на македонски е ЗАДНИНА.

Актерот, зборува нешто за некој негов колега. Вели вака: “Заврши со мене во класа”. Вечниот проблем форсиран од скопскиот говор – “Заврши со мене во класа”, а треба “во класата”. Таа именка мора да биде членувана. Испуштањето на членот станува загрижувачка појава.

Loading