ЗАМРЗНАТИ ГРЕШКИ

Се случи голема бркотница околу цените на производите. Особено станаа актуелни високите цени на зеленчукот и овошјето. Се изнаслушавме и од новинарите и од политичарите за овој проблем и мнозина од нив велат дека цените биле скапи. Како е можно ова да не им е јасно на тие луѓе? Цените не можат да бидат ниту скапи ниту пак евтини. Скапи се производите, а цените можат да бидат високи или ниски. Но, ете, често слушаме – скапи цени, како што од многупати слушаме – евтини пари.

Слушнавме извесна госпоѓа како одговара на новинарско прашање (анкета на улица). Изнакупила повеќе работи. Објаснува дека тоа го правела многу внимателно. Шетала во повеќе продавници и загледувала во цените. И вели: “За евтини пари купив мног уработи”. Ова немаше да ни го привлече вниманието и да пишуваме. Но, сме слушале такво нешто и на ТВ, од официјални лица. Госпоѓата шетала по продавниците и барала поевтини производи. Купила повеќе артикли за МАЛКУ пари, а неза ЕВТИНИ пари. Да заклучиме: Цените можат да бидат високи и ниски, производите скапи или евтини, а парите многу или малку.

Да се вратиме на замрзнатите цени на зеленчукот и овошјето. Објаснува новинарката за кои производи се однесува тоа. Набројува, набројува и на крајот вели: “Останатите останаа не замрзнати”. Редовна грешка. Зошто тие луѓе не се слушаат што зборуваат “Останатите останаа не замрзнати”! А каде се тие останати? Зошто не вели: “ДРУГИТЕ производи останаа не замрзнати”? До кога со оваа нелогичност? Србите велат “остали” и ние – ОСТАНАТИТЕ. Зборува презентерот за најновите вести и потоа вели: “А сега слушнете ги останатите вести”. Зошто не вели ДРУГИТЕ? Во некоја сообраќајка еден повреден бил задржан во болница, останатите биле пуштени на домашно лекување. ДРУГИТЕ биле пуштени, а не останатите. Никаде тие не се останати. Редовна појава, редовна грешка, а лекторите молчат.

Претседателот на државата потпишал некаков указ. Не се сеќаваме точно со која госпоѓа (јавна личност) имал средба, но во вестите на една  ТВ ја слушнавме следнава реченица: “Претседателот Пендароски пред нејзе го потпиша указот”! Како тоа пред НЕЈЗЕ? Пендаровски го потпишал указот пред НЕА, а не пред НЕЈЗЕ. Нешто слично, но обратно. Народна приказна на ТВ. Извесен маж имал лоша жена, а тој што ќе заработел морало неа да и даде. Тој што ќе заработел морало НЕЈЗЕ да и даде, а не НЕА. Никако да се погоди каде и кога треба НЕЈЗЕ. а кога НЕА.

Еве нешто што е уште поиспаколичено. Читаме превод од странска емисија. Комуникација меѓу госпоѓа и господин. Читаме: “Таа нему му подари чоколада, а и тој на неа”! Замислете! Тој на неа и подарил чоколада. Еве уште едно место каде треба да се употреби заменката “нејзе”. Реченицата треба да гласи: “Таа НЕМУ му подари чоколада, а и тој НЕЈЗЕ, а не НА НЕА.

Сиве овие јазични грешки, сиве овие недоследности, ги слушаме или ги читаме во официјални ТВ. Таму каде што има (треба да има) лектори. Преводите од странски емисии или филмови се ужасно лоши. Зар лекторот не го гледа тоа? Зар на односи ТВ и е се едно како се зборува и како се пишува во нивните програми. Па нели постојат и уредници на емисиите. Најпосле, постои и директор. Зар никој никому не може да му стави забелешка за лошиот јазик. Изгелда дека е така. Еве пример. Чувме ваква реченица: “Од ВМРО имало примедба”. Драги наши! Македонскиот збор е ЗАБЕЛЕШКА, а не ПРИМЕДБА. Ако некој некому направи забелешка, барем да знае дека ПРИМЕДБА не е наш збор.

Ќе замрзнат ли некогаш јазичните грешки или ќе растат?!

Loading