ЛОЗЈЕТО ОРЕЖАНО ДО КОРЕН

Дошол во еден пазарен ден Итар Пејо во Прилеп и решил да се избричи. Влегол во една берберница. Бидејќи го познаваа сите како мајтапџија, берберот реши да се пошегува со него, та го седна на столот спроти сонце. Наместо да го сапуни како што е редот, тој почна да му ја топи брадата со плунка. Така насапунет спроти сонце почна да го бричи, дури на Пеја не му се стемни на очите од болка. Го замоли да го пушти небричен и му го плати рупчето, колку се беа погодиле.

Кога Пејо излезе половина бричен, се разнесе смеа и шега. Берберот се држеше за стомак што успеа да го излаже и да го насамари мариовскиот мудрец.

Пејо ја разбра работата и си рече во себе:

“Чекај си ти, пакосен бербер. Ќе те сошијам со самарна игла, ич да не се сетиш”, и отиде кај друг бербер да се добричи.

По една година од случката, пролетта, во лозја кроење, си го зеде Пејо сорот и помкна покрај берберницата во која се бричеше лани. Почна да бара работа, да му го ореже лозјето на берберот, и тоа за евтини пари. Овој помислил дека пак ќе го излаже и го пазари.

Го одведе на лозје, го напои ракија, го наруча убаво, па и винце му даде и го остави да работи, не заборавајќи да му нареди и паричките да ги изнесе на крајот, откако ќе го ореже. Кога си отиде берберот, Пејо, наместо да го реже лозјето, тој ги искорна сите пењушки од корен и ги изнесе на крајот како што му рече стопанот. Околу ужина отиде во берберницата да ги прибере парите за работата.

Берберот сиот радосен дека за евтини пари му се орежа лозјето, пак го напои и на разделување го праша:

– Убаво ли го орежа лозјето?

– Многу убаво, уште еднаш не ќе треба да го режеш, чорбаџи – одговори задоволен.

– Дали го исчисти убаво, пак праша берберинот.

– Ни прачка, ни пењушка не остана на земјата. Чисто е како тепсија – одговори Пејо.

– Ами плаче ли, плаче?

– Уште прашаш, пријателе мој. Не само лозите што плачат, ами кога ќе отидеш ти, ќе зареваш кога ќе го видиш колку убаво сум го орежал. Тоа ти е за, она, ланското бричење на суво и спроти сонце – објасни Пејо и си побегна во Мариово.

Loading