ОДРЕДЕНИ СЕКТОРИ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА МОЖАТ ДА ПРЕМИНАТ КОН ЈАВНО ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО

Никола Мариноски, советник од СДСМ во новиот состав на Советот на општината

Вие сте млад човек од бизнис секторот. Влегувате во новиот состав на Советот. Какви прашања ќе иницирате за подобрување на локалниот амбиент на бизнис заедницата?

Локалниот економски развој е составен од повеќе сегменти. Од нашите посети на стопанските субјекти во текот на кампањата утврдивме голем број на проблеми со кои се соочуваат стопанствениците, а како сублимат можам да наведам дека носењето на нови ДУП за индустриските зони во најкраток можен рок е приоритет за сите економски субјекти, како и планирано и планско ширење на градот. Активирање на градежната оператива и давање на можност економските субјекти веднаш да ги зголемат своите капацитети во согласност со своите потреби. Иницирање на соработка со Министерството за образование и наука и Општината за профилирање на учениците во согласност со потребите на стопанството. Дополнително збогатување на културните програми на градот и слично.

Стопанствениците, и малите и големите, често реагираат на даноците, овојпат на локалните давачки. На што би можело да се обрне внимание следниве четири години како редуцирање на давачките од локален карактер?

Во основа на секоја администрација, основен приход и се даноците и дотациите од владата. Сметам дека даноците не се големи во Прилеп и не гледам причина за намалување. Секако дека доколку се случи намалување на даноците е добредојдено, но даночната политика во Прилеп е умерена и сметам дека не треба да се намалува. Можеби добро би било да се ослободат од даноци новите претпријатија во првата година како поддршка или две години за жени претприемачи или млади претприемачи, но сето тоа ќе го дискутираме на седниците на советот. Дополнително радува фактот што владата ги зголеми дотациите врз основа на прилив на даноци од правни субјекти од Прилеп уплатени во буџетот, а со тоа наредната општинска администрација ќе има можност да ја зголеми расходната страна на општинскиот буџет и да направи повеќе за прилепчани. Доколку овие дополнителни средства ги насочи кон подобрување на економската клима, на долг рок тоа ќе значи повеќе средства повратно во општинската каса. Се разбира, ќе бидам тука во сервис на бизнис секторот и граѓаните да го потсетувам градоначалникот на овие работи.

Бизнисмените негодуваат на тромата и прекубројна администрација?

Тоа е точно. Тоа е горчлив проблем. Се надевам дека новата општинска администрација ќе се фокусира на овој проблем и дека нема да вработува по партиски клуч. Доколку се одлучат да го решат овој проблем во секој случај ќе можат да сметаат на мојата поддршка како бизнисмен. Администрацијата мора да стане сервис на граѓаните. Таа треба да биди флексибилна и да одговара на потребите на бизнисот и граѓаните. Тоа ќе значи зголемени приходи во општинската каса. Тука се и личните потреби на граѓаните. Задолжително мора да се воведи забрзана динамика на работење и одговор на барањата на граѓаните, легализациите на диво изградени објекти, подобра комунална услуга и слично.

За развојот на бизнисот, на стопанствениците често им се товар и пречка градскиот урбанизам?

Како што веќе реков, основен проблем е урбанизмот. Непланското градење. Предвидување на објекти за колективни домувања среде куќи и слично со што се нарушува и изгледот на градот и начинот на живот во градот. Од друга страна, фокусот кон бизнис секторот е целосно тргнат од дневен ред 30 години наназад. Сметаме дека е доста чекање на опашката и мислам дека со поагресивен пристап, ќе успееме да издејствуваме нови, брзи и ефикасни решенија, бизнисот да може да оди напред. Секторот урбанизам мора да ги користи законските олеснувања за да овозможи побрз економски развој, а не да ги користи за забавување.

Како може бизнис секторот да влезе во профитабилно партнерство со локалната самоуправа?

Одредени сектори на јавните претпријатија можат да преминат кон јавно приватно партнерство. На тој начин ќе се внесе бизнис логика во работењето на тие претпријатија. Нема да може да се вработува и превработува, вработените ќе добиваат соодветни и навремени плати за својот труд. Може да се предвидат и заеднички проекти кои ќе бидат финансирани од бизнис секторот, а ќе бидат од огромно значење за градот. Бизнисот е секогаш отворен за соработка. Дополнително општината треба да се ослободи од несуштинските објекти во нејзина сопственост. Со тоа малите и средните претпријатија ќе бидат во можност да инвестираат и да се отворат нови работни места. Тоа е двоен бенефит за граѓаните, дополнителни работни места и поквалитетни и подобри услуги за нив преку зголемена понуда.

Што можете да направите за подигање на нивото на општествената одговорност на компаниите?

Општествената одговорност на компаниите никогаш не била доведена во прашање. Таа мора да оди рамо до рамо со општествената одговорност и културата на граѓаните. Нашите граѓани сакаат промени, а не сакаат да се променат. Најпрвин ќе мора да ја зголемиме одговорноста кај граѓаните, а компаниите веднаш ќе го следат тој тренд. Мораме да го сакаме нашиот град повеќе од сега и мораме да работиме за нас и генерациите после нас. Партиските поделби на страна и заеднички да работиме за подобар и поубав Прилеп. Има многу проекти каде интересот на бизнисот и интересот на граѓаните се совпаѓаат, а тоа не носи штета на општината или општинската каса. Се надевам дека новото раководство на градот ќе има слух за тие проекти и заеднички ќе ги реализираме.

Loading