ГРАДИМЕ ЕКОНОМСКИ СИЛЕН ПРИЛЕП

Димитар Бозоски – советник од ВМРО -ДПМНЕ во новиот состав на Советот на општината

Вие сте млад човек од бизнис секторот. Влегувата во новиот состав на Советот од мнозинството. Какви прашања ќе иницирате за подобрување на локалниот амбиент на бизнис заедницата?

Како човек кој доаѓа од бизнис секторот секогаш ќе се залагам за поддршка на идеите што ќе значат подобар раст и развој на секој еден инвеститор подеднакво, без разлика дали станува збор за мал или голем, домашен или странски инвеститор, без дискриминација. Само со еден таков пристап ќе можеме да го градиме економски силен Прилеп. 

Стопанствениците, и малите и големите, често реагираат на даноците, овојпат на локалните давачки. На што би можел да се обрне внимание следниве четири години како редуцирање на давачките од локален карактер?

Најпрво треба да се направи анализа во каква кондиција е буџетот на општината и од тоа ќе зависат и следните чекори на новата локална власт предводена од д-р Борче Јовчески, доколку постои можност сериозно ќе пристапиме и кон ова прашање. Во секој случај потребно е што повеќе фирми со добра ликвидност, а локалната самоуправа мора да изнајде начини за поддршка и олеснување на работата.

Бизнисмените негодуваат на тромата и прекубројна администрација?

Првин да ја преземеме должноста на локално ниво, па потоа да направиме анализа дали е тоа така. Во секој случај како советник на сите граѓани на Прилеп ќе се залагам општинската администрација да биде што поефикасна и подостапна за странките.

За развојот на бизнисот, на стопанствениците често им е товар и пречка градскиот урбанизам?

Врз развојот на бизнисот влијаат и други фактори, но се сложувам дека во овие 4 години една од најголемите пречки беше и градскиот урбанизам. За развојот на бизнисот, новата локална самоуправа ќе дадеме сé од себе. Очекуваме поддршка и од централната власт, од која ќе бараме за развој на општината да се заврши патниот правец Росоман – Прилеп како и Прилеп – Битола. Нужна е соработка меѓу централната и локалната власт да се дојде до што повеќе резултати во корист на сите граѓани.

Како може бизнис секторот да влезе во профитабилно партнерство со локалната самоуправа?

Ако мислите за јавно приватно партнерство, не сум анализирал и не знам кој би бил сегментот. Но доколку има некој проект од општествен интерес секако би го поддржале.

Што можете да направите за подигање на нивото на општествената одговорност на компаниите?

Бизнис етиката и општествената одговорност секако одат рака под рака, убеден сум дека домашните и странските компании во Прилеп се општествено одговорни компании и дека во иднина се  повеќе ќе помагаат во поддршката на општо корисните дела и проекти, особено во образованието и во спортот во нашата општина.

Loading