БОРЧЕ ЈОВЧЕСКИ СЕДНА ВО ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ФОТЕЛЈА

Достоинствено застанеаа еден крај друг и се ракуваа. Колегите по функција, и по професија. Поранешниот и новиот градоначалник, а по вокација и двајцата ортопеди. Во релаксирана атмосфера како одраз на демократскиот чин и волјата на граѓаните, на 27 октомври во Општината официјално беше извршено предавање на функцијата градоначалник, од поранешниот градоначалник Илија Јованоски на новоизбраниот градоначалник Борче Јовчески.

Јовчески рече дека ќе биде градоначалник на сите граѓани, а вратата ќе биде ширум отворена за сите жители на општината.

– Во наредните четири години ќе стартувам со промените кои што ги ветивме преку проектите во нашата програма. Мојата врата ќе биде ширум отворена за сите граѓани и жители на населените места. Проблемите кои што ги имаат во секојдневниот живот ќе бидат решени  заедно со мене и Советот со кој што заедно ќе работиме во наредните четири години – изјави новиот градоначалник на Општина Прилеп, Борче Јовчески веднаш по преземањето на градоначалничката функција.

Успешна работа му посака и неговиот претходник, Илија Јованоски.

– Од мое лично име сакам да му честитам на мојот колега доктор Борче Јовчески за доверениот мандат во наредните 4 години како градоначалник на Прилеп. Убеден сум и сигурен дека ќе биде во функција на сите вас, граѓаните, ќе направи проекти кои што ги има замислено и ќе ги реализира сите во наредниот период. Му посакувам пред се добро здравје и сигурен сум дека во наредните 4 години ќе бидете задоволни од неговата фукција во Општина Прилеп – истакна Јованоски.

Борче Јовчески беше кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Довербата од граѓаните ја доби уште во првиот круг во кој учествуваа 5 кандидати на седмите локални избори што се одржаа на 17 октомври.

СЕ НАСТАМЕНИЈА И 27те СОВЕТНИЦИ

Општинската изборна комисија им ги врачи уверенијата на и на 27те советници во Советот на Општина Прилеп. Интересите на граѓаните ќе ги застапуваат 15 советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата: Дејан Проданоски, Ирена Стерјовска Локвенец, Трајче Ржаникоски, Кире Јоноски, Диме Бозоски, Јулијана Силјаноска, Александра Свајќароска, Хилда Белеска, Игор Николоски, Зоран Јанкулоски, Киро Николоски, Стефани Стојаноска, Дарко Андреески, Никола Златески и Билјана Кузманоска. Од СДСМ и коалицијата во новиот собраниски состав се: Моника Грашеска Илиеска, Николче Мариновски, Јулијана Цековска, Александар Ѓорѓиоски, Анита Ристеска, Дарко Герамитчиоски, Ивона Кузмановиќ, Александар Китаноски, Марија Симоноска и Дениз Мустафоски. Политичката партија Левица има два советници: Иван Јованоски и Методија Костоски.

Конститутивната седница на Советот на Општина Прилеп за верификација на мандатите и избор на претседател на Советот се одржа вчера.

Loading