НАЈДЕТЕ СИ ДРУГ НАРОД, АКО ПОБЕДАТА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД Е ЗЛО

“ГЕРНИКА” – познатата слика на Пикасо насликана во неговиот дом во Париз како одговор на бомбадирањето на баскитското гратче Герника од страна на нацистичка Германија и фашистичка Италија. Урнатини, жртви, крв. Офицер на Гестапо се втурнал во станот на Пикасо, покажувајќи му ја фотографијата со муралот на “Герника”. “Дали ти го направи тоа?”. Не,  одговорил со гнев Пикасо, “вие тоа го направивте”.

Злосторник е тој што го создава злото, а не тој што го увидува, обелоденува и казнува.

Локалниве избори не се локални. Какви локални! Тоа е одбрана на Македонија. Одговор на покрадениот неуспешен референдум. Пред селска меана, непочитувајќи ја волјата на македонскиот народ, со некакви си потписи не може да се распадне една држава, градена со векови, илјадници жртви, реки на крв. Преспанскиот договор е извор на сите зла со кои Македонија сега се соочува, 90 отсто се разнебитисаа Македонците. Идентитетска ликвидација, маскирана со невина придавка, се одвива бездушно и молскавично со честитки од нашите идентитетски ликвидатори. Референдумот е осуден на “историски прогон” и никој не го спомнува. Ќе ни ја донесле Европа дома!?. Што им згрешила географијата така да се однесуваат со неа. Дали тоа значи дека ја донесуваат Европа дома кога веќе немаш дома, оти не постоиш. Територија без нација. Што газдата наредува, оркестарот свири, но некако раштимано. Резултатите на овие локални избори покажуваат дека Македонците не се согласуваат со Преспанскиот договор и не гледаат причини за преговари со Бугарија. Никој нема право да ја толкува нашата историја, освен ние, Македонците. Ја поткусуруваат историјата до степен на непрепознатливост, сечејќи ги корените. Не се брише само историјата, се брише цела трагедија на еден народ. Поддржувачите на ваквата политика немаат право да бараат поддршка од македонскиот народ. Свесни ли се дека стануваат соучесници во умирањето на македонската држава.

На македонскиот народ нема повеќе што да му се даде, откако на државата и на народот сé им се зеде. За да спасат дел од поразот, многу љубат обединување. Така поразите полесно се поднесуваат. Ако победата на македонскиот народ е зло, тогаш најдете си друг народ.

Кај мене и кај тебе драг читателу сето ова нема да помине. Ќе си ја вратиме државата.

П.С. Не валкајте го делото на вашите претци, ако не сакате да бидете презрени од вашите потомци.

ПРИМ. ДР. Б. ДАМЕСКИ

Loading