ОБЕМОТ И СТРУКТУРАТА НА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО И СТОЧАРСКОТО ПРОИЗВОДСТВО (4)

Прилеп и прилепско меѓу двете светски војни

16105884 1913082362276369 6527331876545267415 n

Заедно со прогресивните занаетчиски, тутунски и други работници и некои студенти и средношколци, организираните печалбарски работници ја сочинуваа првата јатка на симпатизерите и членовите на КПЈ и СКОЈ во 30-тите години по Првата светска војна во Прилеп. Рбетникот на масовното работничко и комунистичко движење го сочинуваа тутунските и другите работници. Работејќи под необично тешки животни и работни околности на производството и преработката на тутунот со речиси сите свои членови, повеќето семејства со години, од рани зори до темни ноќи, добиваа низа позитивни човечки квалитети и сознанија во условите на колективниот начин во производството и преработката на тутунот.

Во процесот на тутунското производство со текот на времето се формираа специфичните белези и карактеристики на социјалната психологија на најголемиот дел од градското население. Во рамките на заедничките бедни услови на живот и работа на овој доминантен дел од населението, како и на многу помалиот дел од, исто така, бедното занаетчиско градско население, се формираа  некои особено значајни атрибути на колективната психологија на целиот град. Тие водеа кон зацврстување на неговата кохезија и компактност, солидарност и достоинството меѓу неговите жители во услови на севкупната колонизаторска и денационализаторска политика на експлоататорските режими на кралска Југославија во целата Македонија меѓу двете Светски војни.

Структурата на издржуваните и вработените лица според дејноста и занимање

Со оглед на тоа што претставуваат еден од значајните индикатори на степенот на развиеноста на производствените сили и општествената поделба на трудот, при анализата на општествениот развој, треба да се земат предвид и податоците на структурата на издржуваните и вработените лица според дејноста и занимање. Меѓутоа, за жал, со показатели се располага само од статистичкиот попис од 1931 г. Според него, од вкупно 54480 жители во прилепската околија, бројот на сите издржувани лица изнесувал дури 30391. Меѓу нив најмногу се во земјоделството, шумарството и сточарството, додека малку во останатите стопански и нестопански дејности, што е и разбирливо, со оглед на тоа што овие други дејности тогаш беа многу слабо развиени и овде, како и во сите други делови на поробена Македонија.

Бројот на издржуваните лица, на пример, од оние кои работеа во јавните служби, слободните занимања и војската се движеше од 1076-2203 кај оние во трговијата, кредните и сообраќајните установи, 4489 кај оние кои работеа во индустријата и занаетчиството до 22263 кај оние кои работеа во земјоделството. Во сите овие дејности меѓу издржуваните лица, скоро двојно повеќе има жени, отколку мажи.

Во периодот од завршувањето на Првата светска војна па до пописот во 1931 г. во прилепско сосема малку се измени и наследената негативна структура на вработените според нивното занимање. Како основни занимања на населението, земјоделството И сточарството, вработуваа 17636 лица, од вкупно 23210, кои заработуваа приходи од каква и да било дејност. Меѓу вработените во земјоделството и сточарството, 19782 беа помошни членови на семејството, 5619 самостојни производители и закупци, 2002 надничари, 226 работници и др., додека меѓу вкупно 3012 вработени во индустријата и занаетчиството 1029 беа самостојни производители и закупци, 904 работници, 462 надничари, 273 чираци, 75 чиновници и намесници и др. Од вкупниот број на вработените релативно малку се наоѓаа во трговијата, кредитните и сообраќајните установи, а уште помал број имаше во јавните служби, слободните занимања и војската. Меѓу вработените уште помалку беа застапени разните други занимања и без занимања, така што нивниот број се дижеше од 634 кај последиве, до 825 лица во јавните служби, слободните занимања и војската и 1068 во трговијата, кредитните и сообраќајните  установи.

Структурата на вработените лица во 1931 г. и натаму покажува дека меѓу нивниот вкупен број, 23210, најмногу имаше помошни членови на семејствата 10201, и самостојни производители и закупци, 7542, а значајно помалку работници, 1505, надничари 2867, чиновници и намесници, 758 и чираци 302. Меѓу вкупно вработените имаше 17767 мажи, а жени само 5408.

Со оглед на порано прикажаниот развој на разните стопански гранки и дејности, разбирливо беше што во 1931 г. најмногу работници имаше во занаетчиството и индустријата, а потоа во јавните служби и слободните занимања, трговијата, кредитните и сообраќајните установи, додека надничарите со најголем број беа застапени во земјоделството, занаетчиството и индустријата и меѓу другите занимања и без занимања.

Продолжува

Loading