НАРОДОТ ЗБОРУВА КОГА МОЛЧИ

pismo-2

Ништо не е докрај завршено, ако не е праведно решено. Историјата на народот, тоа е неговото паметење. Без тоа, тој не може да ја најде вратата на иднината. Овој народ познава восхитувачки многу подробности, од кои, и да сака, не може да се ослободи. Од случај до случај, од војна до војна, одново никој и ништо не знае за Македонија. А, и ние во неа не знаеме. Европа се сеќава за Македонија на секои 20-30 години, кога си ги гори прстите од прелевањето на нејзините емоции.

Македонскиот народ низ вековите е познат како кроток и мирен. Тоа не значи инфериорност, туку супериорност. Во определени момент граѓаните престануваат да се грижат за тоа што другите им сугерираат. Во спортивно, ќе завршат со самоцензура и молк кога навистина треба да се слушне нивниот глас. Кога неправдата ќе се обиде да стане закон, отпорот е обврска. Се случи што се очекуваше да се случи. Масовно неизлегување на референдумот. Со тоа се демонстрираше моќта на народот да ја замрси сметката на елитите, надворешни и внатрешни. И молкот повлекува морална одговорност, а не само искажаниот збор. Самосвесниот и осознаен Македонец никој не може да го доведе во опасност. Некој, само со перото и зборот, едноставно, нé брише како народ и ни го одзема правото на постоење и самоидентификација, а на сето згора, и името на нашата нација и држава. Народниот одговор беше јасен и гласен: ,,Благодариме, и  Ве молиме, на таа основа нé не поддржувајте. Самоубиство не прифаќаме. Тоа не е наша опција. Поставената цена нема никој да ја прифати во Македонија, зашто вистински ја сакаме Татковината,,.  

Со Преспанскиот договор за Македонија и Македонците продолжува милиниумски долгата Голгота и трагедија, која трае и денес. Самоизедувајќи се, ние ослепуваме и не ја гледаме вистината во мрежата, во која сами се заплеткавме за нашата национална трагедија. Со прифаќање на некоректната страна на историјата, народот се почувствува потценет и онеправдан. За промена на името со една придавка потребен е договор само со една реченица, а 20 страници се стапица во која огромниот дел од македонскиот народ не паднал никогаш. Овој народ не може да не ја брани вистината, што е дел од од неговото себеспознание, откако тој знае за себе си. Неговите длабоки емоции го бараат тоа. Никој нема морално право да му го одземе на еден народ сето она што е втиснато во неговиот дух, што претставува негов крвоток. што го одржал низ вековите.

Политичките партии одамна престанаа да бидат творечки сили. Денес се спектакуларни здруженија за личен и партиски интерес, за сметка на државата и народот. Еве им шанса да се соочат со реалноста, да ги увидат грешките, да се консолидираат и да се вклопат во мудроста и чесноста  на сопствениот народ. Патот е отворен. Уште не се погребани сите надежи. Време е дебатите да почнат да даваат плодови. Има време за европска и за НАТО перспектива во европската чекалница. Алтернативата е во нивните раце, без чепкање во народните македонски црвени линии.

За крај, обично немам обичај да коментирам колумни. Но, ме предизвикува она што го прочитав под насловот ,,Брливометар,, каде стои дека ,,станува збор за бајаги забегани човеци со пречки во развојот,, на авторот – доктор, кој продолжува, ,,затоа ниту под разно не смее да се става народот, особено ако е недоветен и забеган, да одлучува на референдум за стратгиските национални интереси,,.

Што да се каже после ова, колега?! Не заборавете дека 2/3 од пациентите се тие на кои сте им поставиле дијагноза пред да влезат во вашата амбуланта. Кај вас недостасува медицинска етика, а уште повеќе демократски капацитет. Зошто постојат изборите и референдумот? Затоа што највисок орган на држвата е нардоната волја. Сакале или не сакале, таа мора да се почитува.

Прим. Д-р. Благоја Дамески

Loading