ЧИЕ, А НЕ ЧИВО

ivce1Затекнала полицајката непрописно паркирано возило. Незнаела чиво е. Повикала пајак. Приказната си продолжува понатаму, не ни е целта да ја следиме. Ни го сврте вниманието зборот – ЧИВО. Не е првпат да ја слушнеме оваа грешка, но се прашуваме кога ќе биде последен. Нели во Македонија службен јазик е македонскиот литературен јазик, а не скопскиот говор. Така барем пишува во Уставот. Скопјани го употребуваат тој збор – ЧИВО, наместо ЧИЈЕ, но телевизиските презентери, коментатори и слично, не треба и не смеат да ја прават оваа грешка. А ја слушаме мошне често – ЧИВ, ЧИВО, ЧИВА. Во конкретниов случај, презентерката не информира дека полицајката затекнала непрописно паркирано возило. Именката ВОЗИЛО е од среден род па ќе се рече ЧИЕ, а не ЧИВО е. Ако имаме именка од женски род (кола) , ќе се рече ЧИЈА е, не ЧИВА е.  Ако е пак од машки род (џип), тогаш ќе биде ЧИЈ е, а не ЧИВ е. Во медиумите не треба да се прават вакви грешки. Презентерите се школувани луѓе, а има таму и лектори кои треба да интервенираат, ако се укаже таква потреба.

Во дневен весник ја среќаваме именката – ПЕРВЕРЗЊАК. Ваквата форма е преземена, без никаква потреба, од српскиот јазик. Таа е произведена од именката ПЕРВЕРЗИЈА. Во српскиот јазик тоа си е сосема нормално. А ние немаме наставка ЊАК за формирање на такви именки. Сепак, ако е потребно таа се формира со наставката (наша) НИК. Значи, ќе добиеме именка – ПЕРВЕРЗНИК, а не ПЕРВЕРЗЊАК. Како што е, на пример, случајот со именката ЗАНЕСЕНОСТ. Оттука можеме да изведеме – ЗАНЕСЕНИК, а не ЗАНЕСЕЊАК. Постојат многу такви примери. Важно е тоа дека наставката (српска) ЊАК, кај нас гласи – НИК. Инаку, јасно е тоа дека зборот ПЕРВЕРЗИЈА нема корен ни во српскиот ни во македонскиот јазик. Тој е латински, но веќе длабоко навлезен во нашата (и во српската) лексика и се користи со сите негови деривати. Можеме ние да речеме и сексуална изопаченост, можеби можат да се најдат и други зборови или изрази со такво значење, но ете, зборот ПЕРВЕРЗИЈА го одразува најточно, најпрецизно таквото дејство.

Во истиот весник, сретнавме уште една грешка, односно збор кој со својата форма е позајмен од српскиот јазик. Еве ја целата реченица: ,,Чипкаста долна облека,,. Грешката е во зборот (придавка) ЧИПКАСТА. Всушност, именката ЧИПКА ја нема во нашиот јазик, кај нас тоа е – ТАНТЕЛА. Авторот на тој текст направил уште една грешка. Ако веќе ја зел или мислел дека именката ЧИПКА е наша, тогаш требало и придавката изведена од неа да гласи според нашите правила. Српската наставка – АСТ кај нас гласи ЕСТ. Значи, ЧИПКЕСТА, а не ЧИПКАСТА. Но, рековме дека именката ЧИПКА ја нема во нашиот јазик. ТАНТЕЛА е тоа кај нас. Е тогаш, придавката изведена од неа ќе биде ТАНТЕЛЕСТА. Реченицата треба да гласи: ,,Тантелеста долна облека,,. Ама, еве, никако не можеме да ги истантелиме работите како што треба.

За синтаксата сме зборувале. Тоа е веќе агресија врз македонскиот јазик. Ќе приведеме овој пат само една реченица, пак од весник: ,,Како плускавецот да исчезне преку ноќ,,? Кога еднаш ќе сфатиме, кога ќе разбереме дека во прашалните реченици по прашалниот збор треба да дојде глаголот па потоа другите зборови. Еве ја правилната конструкција: ,,Како да исчезне плускавецот преку ноќ,,! 

Loading