НЕМА РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ ЗА НАШЕТО ТЕЛО!

Доктор Гоце Ингилизов, директор на Центарот за јавно здравје – Прилеп

Центарот располага со современа опрема и стручен тим

„Совет за Јавно здравје“ предлага мерки на локалната самоуправа за подобрување на квалитетот на животот на населението

Iljadnici analizi godisno -  specijalist doktor Goce iNgilizovЦентарот за јавно здравје има широк домен на дејствување при обезбедувањето на здравствена заштита на граѓаните. Кои се вашите најбитни активности?

Центарот за јавно здравје – Прилеп е регионална институција и се грижи за промоција и превенција на здравјето на населението во општините Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Долнени и Пласница. Под промоција и превенција се подразбираат сите активности поврзани со подобрување на општата здравствена состојба на населението. Секојдневно ја следиме епидемиолошката состојба, движењето на заразните и незаразните заболувања и изготвуваме и спроведуваме мерки за подобрување на состојбата, ја следиме исправноста на храните и водата во општините, го следиме нутритивниот статус кај децата и адолесцентите, вршиме едукација за полово-преносливи болести во училиштата, скрининзи на определени таргет групи и тн.

Какво е технолошкото и кадровското унапредување во последните години?

За да ги следиме светските трендови и да имаме побрза и поточна анализа на сите материјали кои кај нас се испитуваат, мостри од вода, храна, површини, брисеви, крв, урина, последните неколку години набавени се неколку апарати.Апарат „Видас“ на кој се работат преку 6000 анализи годишно од крв (HIV; HBs; HCV; Toxoplazma; Citomegalovirus; Rubeola; EBV и др.), апарат „Витек“ кој се користи за автоматизирана идентификација на бактериските изолати и изработува антибиограм со широка палета на антибиотици. За докажување на присуство на одредени антитела во крв (како Hlamidia, Herpesи др.) користиме апарат „Елиса“, а за брзо известување и брза дијагноза на бактеремија или сепса го имаме апаратот „Баг-Алерт“, којшто е еден од најсовремените во Македонија. Со апаратот за течна хроматографија или скратено од англискиот термин „ХПЛЦ“се испитуваат елементи и микроорганизми во широк дијапазон на мостри. Во центарот моментно работат 50 луѓе, од кои сме 8 лекари специјалисти и два лекари на специјализација. Кадровски сме добро опремени со исклучок на нашите подрачни служби во Крушево и Македонски Брод.

Поединечно, колку анализи за дијагностицирање на болести годишно правите?

Во 2016 г. во службата за Микробиологија извршени се околу 90 000 анализи на материјал. Направени се 49088 бактериолошки услуги, испитувања на биолошки материјал, од кој најчести се брисевите од грло и нос, 9670 серолошки услуги или анализи од крвни примероци, најчесто се испитувањата за ХИВ вирусот и хепатитите Б и Ц. За потребите на службите по Хигиена и епидемиологија направени се 28038 испитувања на брисеви од грло и нос, копрокултури, микроскопски испитувања и микробиолошки испитувања на храни, води и брисеви од површини.

Во службата за Епидемиологија, е делот за ДДД услуги и советувалиштето за ХИВ?

Епидемиолозите секојдневно ја следат состојбата со заразните болести на територијата која ја покриваме и за нивното спречување предлагаат и извршуваат одредени мерки. Дел од тие мерки се советувалиштето за ХИВ, во кое вршиме едукација за сите полово преносливи болести, но и анонимни тестирања и совети за сите кои се заинтересирани, како и делот за дератизација, дезинсекција и дезинфекција, преку кој извршуваме мерки за сузбивање на преносителите на голем број заразни заболувања. ДДД услугите се извршуваат во сите јавни објекти, сите здравствени, образовни институции и во сите локали каде се приготвува, служи или продава храна. Од 2008 год. навака, редовно вршиме дератизација на канализационата мрежа и извршуваме дезинсекција на подрачјето на Општина Прилеп, во соработка со локалната самоуправа, со што ги држиме во оптимален минимум инсектите и глодарите кои се преносители на голем број заразни болести.

Moderna ustanova po evrosksi terk so poln kadrovski i tehnicki kapacitet

Ја следите исправноста на водата?

Во рамките на службата за Хигиена, се вршат секојдневни анализи на примероци од води. Испитуваме примероци од градските водоводи, во Општините кои ги покриваме, но и од бунарите и изворите кои се користат по населените места. Водата од „Студенчица“ која ја хлорира и ја дистрибуира ЈКП „Водовод и канализација“ Прилеп, е стандардно добра, а останатите извори и бунари се со променлив квалитет, во зависност од временските прилики и начинот на нивно одржување. Овде се вршат испитувања на мостри од храна и се следи здравствената состојба на вработените во објекти кои се занимаваат со здравствена, образовна и прехранбена дејност, преку три или шестмесечни здравствени прегледи.

Пред седум години беше формиран „Совет за Јавно здравје“. Дали функционира?

Да, го формиравме тој совет, во кој членуваат градоначалникот и членови, претставници, на неколку јавни претпријатија. Советот дава предлози за мерки и активности кои ќе го подобрат квалитетот на живот на населението. Преку овој совет ги согледуваме и анализираме проблемите кои можат да направат проблеми и ги укажуваме на Локалната самоуправа, која преку свои мерки ги решава тие проблеми, во делот на подобрување на водоснабдувањето, канализационата мрежа, грижата за чиста животна средина и тн.

Moderni aparati za tocni rezultati

Здрави ли се луѓето во Прилеп?

Уф, колку тешко прашање. Здравјето не е само отсуство на болест, туку целосна физичка, психичка и емоционална добросостојба. Во пракса, здравјето претставува состојба и способност на индивидуата да извршува основни функции и активности, личната улога во семејството, на работното место и во општеството, способност да се справи со психо-социјален стрес, да се задржи позитивното чувство кон околината и лична благосостојба. Кај нас на прво место уште се кардио-васкуларните болести, па на второ неоплазмите. Просечниот очекуван животен век е значително помал (со 5 до 10 години) од оној во развиените земји, иако животниот стил е значително променет, свеста кај населението за грижата за своето здравје уште е на ниско незадоволително ниво. Пушењето, алкохолот, нездравото хранење, слабата физичка активност, несигурноста и стресот се најголеми ризик фактори за причина на овие болести и краткиот век на живот. Покрај многуте кампањи, едукации и укажувања, никако не можеме да сфатиме дека немаме резервни делови за нашето тело и ако не се грижиме за него, нема здравје.

Loading