ОРАТОРСКИ ДЕН

ОУ „Кочо Рацин“

Humani na svoj nacin - Ucenicite od OU Koco Racin

Учениците и наставниците од ОУ „Кочо Рацин“, во свој стил го прославија празникот 14 февруари. Со мотото „Хумани на свој начин“, покажаа дека хуманоста може да се демонстрира на многу начини, зашто таа е особина која ја облагородува душата и го разнежнува срцето.

Дваесет седмоодделенци говореа на тема ,,Сакаме среќно детство за сите деца во светот”. Користејќи го најмоќното оружје во светот – зборовите – пренесоа дека нивните срца се доволно големи да ги згреат со љубов сите на кои таа им е потребна. Порачаа дека ќе се обидат да бидат храбри, истрајни во нивните намери и дека секогаш ќе го слушаат гласот на срцето. Пораката им беше јасна – хуманоста е нешто најубаво, таа внесува некое поинакво и посебно чувство во сите, прави срцата да бидат исполнети како небото.

– Сите учесници имаа интересен, свој начин, посебен говор. Петчлената комисија на крајот избра тројца ученици за епитетите – најдобри оратори. Марко Аврамоски освои трето место, Ангела Везироска заслужено го доби второто место, а животната приказна на Николче Ангеловски кој го освои почесното прво место, никого не го остави рамнодушен – информираат од училиштето.

Менторот, наставничката по македонски јазик, Наташа Кулевска, кажа дека учениците најмногу сакаат активности надвор од училишните клупи каде можат да ги покажат своите јазични способности. Јавните настапи помагаат во развивањето на ораторските вештини кои се потребни во современата настава.

Loading