ЗДИВОТ НА ПИСОКАЛ

Манастирска зимска авантура

Во природно гнезодо вишнее духовен храм со конаци

Мерак за очи

Duhovna kuka vgnezdena vo divaina

Божјото царство Писокал ги рашири рацете да подари убавина и да ги освежи очите на добронамерниците. Рајската красота се распослала зиме низ соблечената дабова шума под превојот Слива, на 15 километри од Прилеп, на патот за Мариово. Како духовно гнездо се свил манастирот Свети Илија да привлекува гости низ белата снежна околина. Дотераниот божји храм со нови конаци и трпезарија прибрал неколку души да се восхитуваат на природниот дар. Крцка снегот под нозете, додека топлата атмосфера во една од собичките се пропознава низ чадот од оџакот на конаците, каде се греат душите на неколкумина мераклии на манстирското богатство. Се одмораат со топла ракија од средбата со планинскиот декор. Се поклониле на олтарот и запалиле свеќи за здравје. Се скрстиле на лаф-муабет.

– Ги исплакнавме сетилата, ги искрцкавме зглобовите од нозете, ги наполнивме градите со воздух пресен чист како солза, го згаснавме уморот со седенката да ја завршиме зимската авантура. Секоја недела се движиме кон некое наше христијанско наследство. Манастирите се свети места не само од духовен агол, туку и од природен. Изградени се на најубавите локации, на величенствени места. Вековите не го уриваат каменот и одолеваат на забот на времето да ја пренесат сопствената приказна. Тие се бисер на минатото што идните поколенија треба да ги негуваат следните столетија. Нема разлика дали е Писокал, Дрен, Прилепец… Бог не штедел во дарувањето на убост – вели еден од посетителите.   

Срцата го впиваат манастирското рува. Камењата не се ронат, туку зрачат  духовност во дивината. Се слуша низ пенџерето што зјае песната на северецот што ги ниша во ритмички танц соблечените гранки на старите начичкани дабови. Се виткаат на ветерната музика, докажувајќи ја отпорноста и снагата.

hristiojanski simobol na vlezot

– Уживаме во манастирот, оти ни е на дофат. Брзо се стасува, уште побрзо минува времето од белата глетка. За лете и да не зборувме, кога листовите играат на тактот на природата. Волшепство на хармонијата на сончевите зраци и зеленилото над кристално јасното сино небо. Се радуваме на мирот и тишината, на шумната природа, која, иако е сурова, сепак низ здивот на ветерот зрачи благодет – вели соговорникот.

Манастирот не е отсечен и непристапен, оти божјата милост е широкограда.

Многу народ не само родум од Писокал или Кален, или Бонче, не само од Чумово и Штавица, туку и од Прилеп и од Мариово се собира на Илинден, оти манастирот е магнет што привлекува и предизвикува негување на традициите на предците и одржување на корените. Писокалските потомци се собраат на Денот да се препознаат низ насмевка, да видат колку остареле низ ведрината на лицето, колку косите им побелеле или паднале, колку времето им оставило траги на челото. Ги враќаат спомените. Зборуваа за зортот на пеколната жетва. Раскажуваа за мелодичноста на песната на кавалчето при пасењето овци и говеда, за детските селски игри, за празнувањето на Илинден, Божик, Велигден… За свадбите и крштевките. Се сеќаваат на гаснењето жедта со студените води и низ писокот на гајдата вијат оро.

Пред неколку години нашиот сограѓанин со потекло од Марул, Томе Велјаноски, кој живее во Шведска, стави на црквата плоча со песна посветена на жетварката Илина, насловена “Писокал”. Мотивите му биле да го поддржи манастирот 9 да даде придонес да се врати звукот на камбаната во селото од каде потекнувала неговата мајка.

Ostrov vo planina

Селото Писокал згаснало, го запрело плачот на децата и рикот на добитокот во палежот на Турците и Србите во почетокот од минатото столетие. Се запретале во пепел огништата, се преселил низ светот животниот пламен и ритамот на срцата со болка во душата. Главно жителите се иселиле во денешното село Чумово.

Од калци, Писокал

Според легендата, момата Илина ја изградила црквата, на денешното место, одмарајќи се од жетварската мака. По дремката, í исчезнале опинците и калците. Го побарала на помош Свети Илија, а тој на празникот, í ја вратил “рубата”. За благодарност, таа ја кренала црквата, наречена Свети Илија, а местото го крстила Писокал, по прекрасно, навезените први, калци како напишани.              

Loading