Старата и новата Шпанија во Мадрид

Мадрид е најголемиот град во Шпанија, метропола која нема море, но е “мамка” за илјадниците туристи. Град пријатно изненадува со повеќе плоштади, тесни улички, музеи, паркови… До израз доаѓа спојот на старото и новото. Сé е едноставно вклопено и не чувствуваш некоја голема разлика. Вреди да се истражува, бидејќи може да се откријат места што не се во понудите, а пленат и се “Мека” за уживање.

Првата прошетка може да тргни од плоштадот Еспанја. Се наоѓа покрај Кралската палата и останатите знаменитости и атракции. Се препознава по споменикот на големиот шпански писател Мигуел де Сервантес, фонтаната во езерото и двете најголеми згради во градот кои го опкружуваат плоштадот. Атракција е улицата Гранд Виа од 1300 метри и стара 100 години. Ја викаат њујоркшки Бродвеј заради бројните кафулиња, ресторани, кина… Може да се одделималку време за кино, фламенко, стенд ап комедија…

Неизбежна е Кралската палата. Таа е службен простор за кралското семејство, бидејќи живее во друг дел од градот.  Една е од најелегантните градби, изградена од камен, а денес и музеј. Има 3418 соби, со што е најголема во Европа по квадрати. Фасцинантна е. Од собите, само 50 можат да се видат. Низ нив е раскажан раскошот на кралството. Пленат делата од Веласкез, Гоја… Еден од популарните плоштади во градот е Вратата на сонцето со многу ресторани, барови, продавници. Се смета дека е центарот на Мадрид откаде тргнуваат многубројни улици. Главниот плоштад има дури 9 влезови и е место за договарање на средби. Главен четвртаст плоштад е. Тука се преубавата фонтана Цибелес и Градската куќа. Од зградата има преубава панорама. Во близина е пазарот Маркет де сан Мигуел, преку кој се добива впечаток за шпанската гастрономија.

Паркот Ретиро е централен и омилено место не само за туристите, туку и за граѓаните. Убаво уреден, со многу клупи. Околу 15 илјади стебла нудат ладовина во лето. Воодушевува езерото во средината. Привлекуваат значајните знаменитости како Палатата Веласкез, Кристалната палата, Споменикот на Алфонсо 12, паркот со пауните….

Штета е да се појде во Мадрид и да не се видат експонатите во неколкуте значајни музеи. Пожелно е да се ѕирне во музејот Реина Софија, во Музејот Прадо каде е изложено уметничкото богатство на Шпанија. Музејот Прадо е исклучителен примерок на неокласичната архитектура од 18 век, со бесценето богатство од 8600 слики и 700 скулптури.

Туристите  ги привлекува и стадионот Ел Бернабеу со капацитет за 85 илјади гледачи. Во Барцелона е поголем.

Најшироката улица Кастелана води од плоштадот Колон до Музејот Прадо. Таму е квартот на облакодерите со име “Вратата на Европа”, кои се навалени едни кон други за 15 степени. Високи се по 114 метри со по 26 ката.

Шпанија е позната по борбите со бикови, коридата. И тоа може да се види, оти се организираат секојдневни битки на тореадорите со дивите говеда.

Заморот се “гасне” со вкусовите на шпанската кујна. Најбарани се тапасите и паелјата. Внимание привлекува квартот Ла Латина, оти е светски центар за шпанската гастрономија. Таму “легнува” и капка добро црно вино од познатите винарии на сончевото шпанско виногорје. Понудите се одлични, а цените пристојни.

На крајот, неизбежно денот се завршува со фламенко шоу. Не е евтино за нас, околу 40 евра, но вреди да се доживее.

Текст и фото Каролина Мицевска

Loading