КАРПА – ЦРКВА КАЈ ДАБНИЦА

Од антиката, до 12 и 13 век се претпоставува култноста на карпата – храм

Фреска на Свети Архангел на карпа

Crkva pod vedro nebo

Од Прилеп кон Дабница е преполно археологија. На локалитетот Караташ има остатоци од гробови цисти (градени од камени плочи), но и гробница од македонски тип од 3-2 век п.н.е. Тоа укажува на постоењето антички населби од времето на Македонската империја.

Пред Дабница, на пат за манастирот Трескавец, на помали карпи има бројни мали кружни вдлабнатини. Погоре, во карпи како тумба, се среќаваат остатоци од керамика. Кај првите лозја има стари винарници како големи дводелни корита во карпа. Се издвојува винарник со корито и со помало корито се специјален отвор преку кој се цедел сокот од грозјето. Паѓа в очи помала карпа со мазнети делови и специфична “раскрилена” форма.

Фреска на Архангел Михаил на карпа близу Дабница

Поголема карпа висока пет-шест метри, широка околу седум метри го привлекува вниманието. Жителите ја нарекуваат Свети Архангел. Насликан е светецот на постара фреска посветена на   христијанскиот лик. Новата фреска е  од 1992 година. Голема е околу половина метар. Се забележуваат траги од стариот живопис под малтерот на кој е насликана новата фреска.

Местото било посетувано на празникот. Се негувале христијански обичаи, а кои се прекинале во комунистичкиот период. Неверник од селото пукал во насликаниот живопис. Набргу ослепел и умрел. Слична е приказната со некои стари крстови насликани со вар или бела боја кај Дабница, за кои Бугарите сметале дека се знаци од партизаните и ги малтретирале жителите да ги бришат, а тие и денес стојат.

Карпа – Бог на древно време или?

Карпата – црква има крст од вар или бела боја. Назад е полна со дупки. Површината потсетува на пчелно саќе. Содржините околу упатуваат на древната култност на оваа природно гранитна форма. Може да потекнува од антиката и порано, зависно од потеклото на гробовите во близината. На околните ниски стени има гробови длабени во карпа во форма на корита. Едно поголемо корито на закосена карпа, веројатно е објект за гмечење на грозје.

Ако се знае дека гробови длабени во карпа, според археолозите, има од антиката до 12 и 13 век на н.е., се претпоставува дека карпа-црква постоела подолг период. И винарниците датираат од антиката. Има една помала рамнина која може да претставува помала некропола од гробови цисти, градени со плочи. Тоа укажува на постоење на комплексна некропола.

Култната традиција е долговековна, но прашање е дали оваа карпа го привлекла вниманието на древните жители поради специфична форма? Остануваат неодговорени прашањата за карпата и божјото присуство од најстари времиња.

Во близина има винарник. Со сознанието дека бог на виното во антиката бил Дионис, местото може да било светилиште. Тајната можеби лежи во неоткриените и нераскопани гробови, изложени на уништување.

Пред карпата минува калдрмен пат до Трескавец, а покрај него остатоци од стари градби, древно богатство и стара култура околу Дабница.

Митолошка локација

Во околината на Дабница има мермерни споменици на кои се споменувало името Асклепијад. Тоа е митолошко име поврзано со првиот лекар од Балканот, познат од легендите. Зад него останале медицински знаења и магии.

Loading