БЕРИЌЕТНА СВЕТА НЕДЕЛА ВО КРУШЕВИЦА

Privlecen mal hram vo Kruzevica

На два километри од селото Крушевица во Мариово, едно скромно манастирче наречено Света Недела секоја година привлекува за празникот многу многу гости. Велат, Света Недала поканила толку гости за нејзината слава. Во типичниот “селски” двор, млади со ген за игра “везат” ора, а од нивниот “тупот” се тресе земјата и се крева прашина. Тие ги “заигруваат” срцата главно на иселениците на селото и ја даруваат “својата” црква со наддавање на црквените подароци масло, крпи, чорапи, чаршави… 

Околината е пуста. Лете сонце пече, оти сенка нема ниту за “лек”. Манастирчето се раскомотило на ширинката наречена Света Недела, на местото каде порано биле ниви, а сега е затревено. Мештаните велат дека манастирчето е градено на стари темели на црква.

– Луѓето, сопственици на нивите, полека почнаа да носат по нешто. И “тргна” изградбата. Здружено се градеше, темелот од камен, па црквата од тули и блокови. Се крена пред 40 години. И ден денешен се помага светиот дом. Помош пристигнува од сите страни на светот. Така се изгради и трпезаријата и кујната, тремот. Стаса и водата од блискиот светонеделски кладенец – кажуваат крушевичани.

Жителите планираат градба на конаци и камбанарија. На црквата í претстои комплетно живописание. Објаснуваат дека треба да се зачува првин старата, а после да се крене нов Божји дом. Во меѓувареме, иако старата не ги задоволува стандардите, не се остава на милост и немилост на забот на времето. Привлечно изгледа варосаната црквичка со по некоја икона, оставена од верниците.

Манастирот се прероди. Како повторно да никна. Живнат е последниве години. Нема клуч на портата. Секој ден е отворен за посетители кои вдахнуваат божја милост.

Света Недела многу луѓе ја претставуваат како жена, светица. Се мисли дека тоа е денот, недела, кој Бог го дал за одмор, како свет ден. 

Loading