ШТО Е ЕДНА ЕДИНИЦА

Za edinicite - Frosina Jovanoska od SOU Gorce PetrovПред многу кратко време во училишните клупи седнаа учениците од прва година кои во текот на своето четиригодишно школување ќе ги збогатат своите знаења. Тие дојдоа на местото од оние кои го завршија училиштето пред нешто повеќе од четири месеци, исто како што и ние, учениците од четврта година набрзо ќе ги напуштиме училишните клупи. По неполна година, сé што доживеавме при школувањето ќе биде само еден убав спомен.

Како јас го доживеав моето школување во медицинското училиште?

Се сеќавам, како вчера да беше, како пред завршувањето на основното училиште доаѓаа професорите од средните училишта, меѓу кои и од нашево,  за да ги промовираат образовните струки и профили пред нас, мали деветтооделенчиња кои, со само 15 години требаше да ја изберат својата идна професија. Моето внимание го привлече профилот медицинска сестра. Професорите носеа со себе ученици облечени во униформа кои нам тогаш ни изгледаа многу големи, сериозни и важни. Исто како што им изгледаме сега ние на новите ученичиња од прва година. 

И… почна…

Четири години… Колку далечен ми се гледаше тогаш овој момент… Ми велеа повозрасните дека ме чека многу учење, многу работни денови, многу викенди, многу месеци… и многу тестови… и писмени работи …и што ли уште не, ама… ќе помине брзо. Така зборуваа и не им верував. А помина, помина… дури да трепнеш.

И што сега? Се ближи крајот. И дури откако некои работи ќе завршат, сфаќаш колку, всушност, си бил исплашен и тоа без причина. На почетокот леташ низ ходниците како избезумен, не знаеш каде ти е главата, не знаеш каде е кабинетот по информатика, по нега на болен, каде е библиотеката, кариерниот центар, не знаеш… каде си ја оставил чантата со книгите, која ти е лева, која десна нога, не знаеш каде си го оставил – паметот. Чекај, застани, кои се сите овие луѓе? Што сакаат  од тебе? Па… најди нови пријатели, запознај се со овој, со оној, научи го ова, напиши го она… не знаеш во што попрво ќе удриш со главата.  И… поминаа три години и… еве, почна и последната, четвртата. Поминаа во брзање, се изгубија во учење, пракса, тестови, писмени работи и паничен страв. Бидејќи ти знаеш, главно од оние кои никогаш не го поминале тој пат, дека медицинското училиште е баук, дека е тоа една мрачна пештера од која никој не се извлекол. Не…, тоа е благо кажано… Алкатраз… токму така: Алкатраз! Пекол од чии канџи никој не се спасил… дека тука работат баба роги кои секојдневно ги голтаат децата.

Верувате ли вие во змејови и самовили? Не, се разбира. Тоа се измислени суштества од бајките на браќата Грим или од македонските народни приказни. Е, истото важи и за овие приказни. Нема белки да поверуваме во она што на некого му се јавило во најдлабокиот кошмарен сон, па тој таа приказна ја надополнил за да плаши со неа мали деца или… за да испадне паметен. Затоа, сето страшно што сте го слушнале, вие соберете го на еден куп и пуштете го по вода, далеку, во еден правец за да не се врати никогаш повеќе. А потоа, тргнете по мене. Не ви ветувам виножито и цветни полиња, ниту чоколадна училница. Ова не е училиште од некоја средноевропска држава. Во него сé уште чкрипи по некоја врата и сé уште можеш да го скинеш ракавот на некоја клупа, нечии имиња стојат запишани на ѕидовите во училниците и ходниците… но… тоа е дом… нашиот втор дом. И колку си повозрасен, толку повеќе ти е драг. Секоја нова слика, секоја стара пукнатина, колку си постар, толку повеќе ти недостасува. Не ти се оди одовде. Впрочем, тука се нашите другарчиња, а и нашите професори и професорки кои, колку и да се строги, сепак се наша поддршка, наш поттик, наша прва помош.

Јас трчам по ходниците со главата во облаци, онака, без некоја посебна причина, само да впијам и да сочувам барем мало делче од таа атмосфера. И не ми е тешко секој ден да се качувам по 40 скалила, би се качувала и по стопати само кога би знаеала дека нема така брзо да си заминам одовде. Затоа, ве молам, не верувајте во лаги. Па, нема место на кое некој повеќе ќе се грижи за вас. Никој нема да ве чува на својата дланка како повредена птица, или да ги оправдува сите ваши главоболки и температури, сите ваши одења на заболекар, бидејќи вашите заболекари работат исклучиво во периодот во којшто вие треба да бидете на часови и во ниту еден друг термин. Никој нема да ви угодува и да ви ги одложува тестовите. Животот после нема да ве прашува дали сте подготвени за тест, тој само го дава тестот и тоа – ненајавен. После постои само опцијата “тргни”. Затоа, ВЕ МОЛАМ, немојте да се нервирате толку за тие единици по хемија. Што е една единица во вечноста? Задоцнете еднаш на првиот час, немојте да напишете домашна по математика… па и така толку се досадни тие квадратни равенки. Немојте да ги научите напамет стиховите од Конески, од Рацин, цитатите од “Пиреј” и “Сердарот”, нека ви се налути еднаш професорката по македонски, па и нека ве искара ако треба, појавете се еднаш на час по физичко без опрема… заљубете се во нечии сини очи, или во нечии пегички на лицето, заљубете се во нечија црна нечешлана коса. Само, ве молам, немојте да ги затворите очите и да го изгаснете срцето. Живејте, слушајте и одете низ тие ходници полека, полека и – гордо. Направете сé што можете тоа да ви биде најубавиот период во животот. Направете сé за да излезете оттаму со полно срце и… Некогаш, кога ќе се свртите назад, на вашите стари и збрчкани лица да се појави само насмевка, а во срцата само убави сеќавања.

На приредбата по повод патрониот празник на СОУ “Ѓорче Петров”, точката “Што е една единица”, предизвика емоции и позитивни реакции кај присутните. Текстот го напишаа ученичката Фросина Јованоска од 4-2 клас и нејзината менторка Жанета Видевска, проф. по македонски јазик и литература.

Редакцијата реши текстот да го објави во целост.

Loading