ПОБЕДА ИЗЛЕГУВА ОД КРИЗАТА

Golgeter na Pobeda - Nikolce SarkoskiФудбал: Николче Шаркоски, голгетер

– Формата оди нагоре, а можеме уште подобро – смета крилниот напаѓач

После пауза од шест кола екипата на Победа стигна до третиот триумф, прв на гости, во Штип, против Брегалница со резултат 2-3, со двата гола на Шаркоски и еден на Гешоски. Јунакот на мечот, Шаркоски, отвори со прекрасен еврогол постигнат со шут од дваесетина метри, а не им дозволи на домаќините долго да се радуваат по израмнувањето во второто полувреме, кога минута подоцна го врати водството. Овој играч е голгетер на својот тим со шест гола, од кои последните четири се во серијата од три натпревари.

Што се случи?

– Ја постигнавме најважната победа, во натпревар кој беше мошне значаен за двата тима. Трите бода се најава за излез од кризата.

Голот од 20 метри?

– Не ми е прв од далечина и со лева нога. Во Штип веднаш по приемот на топката, штом продрев неколку метри, се одлучив на удар и погодив.

Твоето место во екипата?

– Универзалец сум. Играв на повеќе позиции, бек, в средина, но сепак најдобро ми е да сум крилен напаѓач.

Оценка за играта на тимот?

– Во првиот дел не игравме како што треба, иако постигнавме водство. Во второто полувреме голот што го даде домаќинот не освести и ја почнавме нашата вистинска игра. Издржавме до крајот и така дојде триумфот.

Имате прогрес?

– Формата оди во нагорна линија, а сметам дека можеме уште подобро. Видовме дека можеме да се носиме со еден Вардар, со Шкендија. Во ниту еден момент не не надиграа.

Преостануваат три есенски дуели?

– Дома со Македонија ЃП и Ренова, на гости кај Работнички. Ако освоиме пет бода, ќе бидеме задоволни. Со ваков ритам ако продолжиме најмалку шесто – седмо место не ни бега.

Твојата цел во фудбалот?

– Од 17 години сум во сениорска екипа. Желба ми е да заиграм во странство. За тоа и работам. Само здравје да дава Господ и сé ќе си дојде со макотрпна работа.

Гешоски голман

Вториот стрелец на Победа со четири гола, Благоја Гешоски, на куп-мечот во Охрид со Брегалница (2-2) беше голман. Во последните минути застана меѓу стативите по црвениот картон за Давор Талески. Домашни стрелци на головите беа Ристевски и Гешоски од пенал. Реваншот од четвртфиналето е на 7 декември. Веројатно силите се чуваа за натпреварот в недела, дома со Македонија ЃП.

Табела: Вардар 34, Шкендија 30, Пелистер 28, Работнички 23, Ренова 20, Силекс 19, Шкупи 15, Победа 14, Македонија ЃП 10, Брегалница 8.

Loading