КОМУНИСТОТ СЕ ИЗБОРИ ЗА АВТОКЕФАЛНОСТА НА МПЦ

95 години од раѓањето и 15 години од смртта на народниот херој Крсте  Црвенковски (1921 – 2001 г.)

crvenkovski

Се одбележаа 75 години од востаничката 1941, година кога прилепските востаници на 11 октомври го започнале востанието против фашистичкиот окупатор. Тоа е првото ослободително востание на македонскиот народ со кое бил остварен повеќевековниот сон на многу македонски борбени генерации за своја држава, изразено преку разни буни и видови на отпор. По овој исклучително значаен настан од историјата, како на филмска лента следуваат формирањето на првиот прилепски партизански одред “Гоце Делчев” на 23 октомври, создавањето на партизанската химна “А бре Македонче”, одржувањето на партизанскиот митинг во селото Царевиќ.

Во сите овие настани учествувал човекот, борецот, носител на “Партизанска споменица 1941”, народниот херој Крсте Црвенковски, кој почина пред 15 години, а ако беше жив ќе беше на возраст од 95 години. Беше единствениот востаник од Прилеп, кој во својот плоден и динамичен живот, постигна голема афирмација на политички деец, публицист и државник, како на македонско, така и на југословенско ниво. Тоа му го овозможи неговиот здрав политички поглед и разум со кои успешно се одржувал, растел и развивал во бурните македонски и југословенски води.

Роден е во Прилеп на 16 јули 1921 година, како прво дете на мајката Блага и таткото Трајко, познат касап и трговец. Родителите имале уште три сина и една ќерка, сите учесници во борбата за национална слобода и социјална правда. Најмалата и најгалената, како што велел Крсте, сестрата Донче Црвенкоска, загинала како борец на Петтата Прилепска бригада на 17 години. Тој е дел од една силна генерација на борци и интелектуалци кои се определиле за борбата за слобода.                Првото револуционерно воспитување го имал, читајќи ја книгата “Мајка” на Максим Горки и други литературни дела кои биле конструкција на револуционерниот дух. Во 1935 година, на 14 години станал член на СКОЈ, а набрзо и претседател на литературната дружина во Гимназијата. Кога наполнил 18 години бил примен во КПЈ со задача да основа партиска ќелија во Гимназијата и секретар, а набрзо и член на МК на КПЈ за Прилеп. Бил одличен ученик. Посебно му одела математиката. Но, по налог на Партијата, заедно со Благоја Корубин, се запишува на Филозофскиот факултет во Скопје. Поради револуционерната дејност премина во илегала, првин во Скопје, а потоа и во Прилеп. По окупацијата на Македонија во 1941 година учествува во подготовките на востанието и е директен учесник. На 11 октомври, заедно со Коле Чашуле, Мице Димески, Киро Ќососки и Киро Базерко, е во групата која извршила прекин на телефонско-телеграфските врски во градот. Велеше дека востанието од 1941 до 1945 година беше кристално чисто македонско-национално востание насочено кон егзистенцијалните македонски интереси, борба за слобода против фашистичките окупатори, но и конечна пресметка со сите поранешни поробувачи, кои го негираа македонскиот национален идентитет. Според него, победоносното востание беше длабока духовна ренесанса на македонскиот народ. На сцената стапи наполно национално оформен и освестен народ – прочистен во својата национална свест како македонски… Крајна цел на востанието беше создавање на македонска држава, што беше завет од претходните револуционери, особено од оние од времето на Илинденското востание. Целата политичка платформа беше градена врз традициите на Илинден, на Гоцевата ВМРО, охрабрувана со имињата на илинденските великани, потпрени на нивните фундаментални мисли… Црвенковски велеше дека е лесно самопрогласувањето на продолжувач на илинденците, а тешко тоа со дело се докажува.

Македонските партизани го докажале. Одредите и поголемите воени формации ги нарекувале по имињата на револуционерите како “Гоце Делчев”, “Ѓорче Петров”, “Димитар Влахов”, “Даме Груев”, “Јане Сандански”, “Питу Гули”. И читалиштето и спортското друштво во Прилеп го носеле името Гоце Делчев. Многу борци додавале на имињата псевдоними на илинденци како, Кузман Јосифоски – Питу, Кире Гаврилоски – Јане, Јоска Јорданоски – Сандански, Спасе Темелкоски – Карев, Трајко Бошкоски Тарцан – Илинденски. На 23 октомври 1941 година е формиран прилепскиот партизански одред “Гоце Делчев”, а  политички комесар е 20 годишниот, Крсте Црвенкоски. Со Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка добиле задача да создадат песна која ќе биде химна на одредот, а која ќе го подигнува борбениот морал и ќе го поттикнува населението на вклучување во отпорот. Песната, “А бре Македонче” имала “промоција” во селото Царевиќ, на 8 ноември 1941 година, на првиот митинг во поробена Македонија. Таа станала химна не само на прилепскиот партизански одред, туку на целото партизанско антифашистичко движење во Македонија.

Во февруари 1942 година, Крсте работи на зацврстување на партиските организации во заднината на Македонија под италијанска окупација. Станал секретар на Окружниот комитет на КПЈ за Западна Македонија. Во Тетово го иницира и го уредува весникот “Братство””. По една провала во Гостивар, во 1942 година, е уапсен од италијанските фашисти и затворен. По едномесечна тортура и измачување е префрлен во Тирана каде станал член на затворскиот комитет. По две неуспешни бегства, во 1943 година, заедно со уште 22 затвореници, успева да побегне преку ископаниот канал и да се најде помеѓу албанските партизани. Се префрлил во Дебар и се вратил на функцијата секретар на Окружниот комитет за Западна Македонија. По капитулацијата на Италија во 1943 година и ослободувањето на Дебар и Кичево, станал организационен секретар на ПК на СКОЈ. Учествува во борбите на Првата македонско-косовска ударна бригада и на Февруарскиот поход 1944 година. Најтешко му било во август 1944 година, кога дознава за смртта на 17 годишната сестра Донче кај селото Богомила.

По ослободувањето, на искусниот младински револуционерен деец му е доверена задачата да го организира Вториот конгрес на НОМСМ во Скопје во 1945 година, а потоа извршува разни партиски и државни функции во републиката и федерацијата, меѓу кои и член на Претседателството на СФРЈ до 1974 година и негов потпретседател во периодот од 1971-1972 година. Учествувал во отстранувањето на Алекснадар Ранковиќ од челното место на тајната полиција. Се создале поволни услови за обновување на македонската афтокефална православна црква како самостојна. Покрај резервите на српскиот политички естаблишмент поддржано е  обновувањето на самостојна афтокефална Македонска православна црква во 1967 година и е формирана највисоката научна установа, Македонската академија на науките и уметностите, чиј претседател е професорот и академик Блаже Конески.

За разлика од другите македонски политичари, Црвенковски се залагал за поголема самостојност на републиките и почитување на Македонија во југословенската федерација.

Во периодот 1970-1971 година ги поддржа предводниците на културно-политичкото движење “Хрватската пролет” со Савка Дабчевиќ – Кучар, Мико Трипало и се судри со официјалната политика на СФРЈ, по што бил обележен како дисидент. При пресметката на југословенско раководство со “либералите”, главен носител на либерализацијата во Македонија е Црвенковски. Затоа станал политички неподобен и целосно маргинализиран, разрешен од сите функции во федерацијата или во републиката. Формално, одел на “работа” во канцеларијата во Собранието на СРМ, но бил изолиран од политичкиот живот. 

Тој припаѓал на помладата политичка елита со реформаторски и демократски идеи. Со либералните ставови го отворил прашањето на демократски дијалог. Наместо комунистичка догма, нудел аргументи и нов поинаков поглед на националното прашање и решавање на економските проблеми. Тоа биле погледи кои подоцна ги отвориле процесите на граѓанската демократија и плурализам, што стигнаа во деведесеттите години на 20 век. По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, на предлог на Киро Глигоров, Црвенкоски беше повеќегодишен член на Советот за безбедност на Македонија.

Како публицист и аналитичар на политичкото и националното движење, пишувал мемоарски записи. Носител е на “Партизанска споменица 1941” и на орденот, Народен херој од 1953 година. 

Со сопругата Марга од Прилеп од стапувањето во брак во 1946 година  ги родиле децата Стево и Емилија.               

Иницијативи

Општинската организација на борците иницира проширување на Алејата на Народните херои со бистите на Народните херои од Прилеп кои ја преживеале војната, а денес се починати, Крсте Црвенковски, Вера Ацева, Борко Темелкоски – Лилјакот, Ѓоре Дамески – Боксерот и Атанас Забазноски – Руски.

Рубин Белчески – историчар, кустос – советник

Loading