ЖИВОТ СО „БАБИНИ ДЕВЕТИНИ“

Суеверие

Нашата моќ за забележување на предметите е различна – носи среќа или несреќа

Православната вера не го оправдува суеверието, иако и таму некогаш  постоело прашање, дали свештениците да носат долга или кратка коса…

black-cat-edit

Се сеќавате кога како деца ќе видевте три петки на регистрација од автомобил. Брзавте први да ги видите зашто било среќа за оној кој прв ќе ги забележи. Или ако допреш оџачар, ќе имаш среќа. Се попроширено е мислењето дека мали икончиња, крстови, бројаници, библија в џеб се носат и ставаат по автомобили за среќа. Носење амајлии, талисмани, за среќа, а да не зборуваме за белото глувче и четирилисната детелина, кои, ако ги најдеме или ги видиме носеле среќа. Или пак, од јоргованот да најдеш цветче со три листа да си замислиш желба, ќе се оствари. Или првпат ако каснеш нешто во годината да си замислиш желба ќе се оствари.   

Ако чешаат ушите – ќе врне, или рацете ќе се земат пари. Шеќерче под перница земено од место каде првпат влегуваш, ќе го сонуваш тој-таа што ќе ја земеш, или ист е резултатот, ако ставиш пченица под перница, со огледалце. Ако пееш кога јадеш ќе се омажиш или ожениш со тој или таа кои не ги сакаш. Ако се скршело огледалцето претстои седум години несреќа. Се фрлало сол преку левото рамо на гроб за да не се сонува мртовецот, никако поглед наназад при кола на на мртвиот, зашто му се попречува патот, истурање вода кога ќе полагаш за лесно да биде учењето и полагањето. Спиритуизам (зборување со души на умрени), носење само една облека за која се  мисли дека носи среќа, верување во несреќен ден, број, месец, верување во самовили, вампири, магии, гатање, баење со секири, пред икони, верување  во видовити…

За невестите има уште. Да се омажи “заодена” девојка требало да заора нива. На свадбата на невестата í се постила бел чаршав, бел да и биде векот. Се плашат две невести да се видат една со друга при венчавка да не им се заменеле судбините. Со каква нога ќе влезе дома невестата. Ако го фатиш букетот од невестата, за брзо ќе се омажиш. На бебето не му се става в уста риба за да прозбори, баење од уроци, ставање метле под перничето од уроци, па што ќе речеле трите наречници на третиот ден, верување во самовили, ветришта, нагазенија…

И безброј други мисли кои се срочени во еден збор – суеверие. Празноверието или суеверието велат дека е лажна вера која ги влече луѓето во пропаст, без верба во Бог. Но, интересно е што има луѓе кои веруваат во Бог, но веруваат и во сé ова што го напомнавме. За православието, суеверието е заблуда и христијанската вера се оградува од него. Избегнување се гледа во правилно усвојување на Божјиот закон. Уште апостол Павле се борел против секакви празноверија, кои се опасни и на човекот му носат страдање. Забележано е дека некогаш и за свештениците постоела дилема дали да се носи долга или кратка коса…

Човекот од секогаш длабоко во својата психа е архаичен. Сé што правел, правел од незнаење, страв… Денес науката има објаснување за сите појави кои му биле нејасни на човекот. Само од интелигенцијата и волјата зависи дали сака нешто да прошири и да научи или ќе го прифати менталитетот на неговите предци и логички ќе бара објаснување за работите кои се случуваат во природата. Претставниците на верата велат дека борбата против суеверието е со силна вера во Бог, која е штит, а мечот е божјото слово кое го калеми со богатство обичниот верник. Познавањето на православната вера значи бдеење на нивните души, а утехата е во божјите домови.

Ако црна мачка, го пресечи патот, се сметало дека е лош знак  и носи несреќа. Ова суеверие е од пред повеќе илјади години. Египќаните ја обожувале мачката која ја сметале за свето животно. Една своја божица ја претставувале како жена со глава на мачка и верувале дека таа има девет животи (а со тоа се верувало дека и мачката има девет животи). Во Египет пцовисаните мачки ги балсамирале. Подоцна кога луѓето верувале во вештерки мислеле дека црните мачки се всушност преправени вештерки. Во средниот век се верувало дека вештерките секогаш го користеле мозокот од црната мачка, кога ги подготвувале и вареле своите таинствени напитоци.

Денес, луѓето  веруваат дека некои работи се баксуз, а некои носат среќа. Поинтелигентните повеќе веруваат дека тоа се “бабини деветини”, иако некои прифаќаа вакви мислења водени од разни мотиви и влијание на културата, менталитетот, логиката… На пример, на свадба кога се прават разни адети. Можеби тоа е за да се направи интересна веселбата.

И порано и сега се верувало дека од дланката може да се чита судбината, преку читање на повеќе од стотина различни знаци на дланката. Вакви суеверни мислења постојат уште пред илјадници години дури и три илјади години во Кина.

Едно од најстарите суеверија се смета дека е астрологијата. Гледајќи го небото, ѕвездите, месечината, сонцето и светлосните и темните промени, луѓето верувале дека тоа се богови. Подоцна астролозите изработиле карти со положба на ѕвездите и ги следат промените. т.н, хороскопи. Има и едно верување овде ако изброиш 27 ѕвезди на небото ќе го сонуваш тој што ќе го земеш или ќе ја земеш и се замислува желба која се исполнува. Спротивно, ако броиш ѕвезди, ќе никнат брадавици на рацете. Потоа ако си ја изброиш и твојата ѕвезда, ќе умреш, или дека на полна месечина се правеле магии. А да не го споменуваме гатањето во кафе, каде гледаме разни фигури на кои сме им дале по некое значење и ги толкуваме. Па толкување на соништа, гледање на карти и што ли уште не.

Луѓето уште се плашат од баксузниот Петок 13 -ти. Велат дека носел несреќа. Во трката со времето се заборава датумот, така што помладите го искоренуваат ова мислење.

Постојат уште безброј верувања одомаќинети кај луѓето и станале дел од животот. Нормално живеат со нив и по тие правила. Велат дека суеверието е надвор од верата и не е поддржано од Библијата.

Иван Стојаноски

Loading