ПРИЛЕП И НИРНБЕРГ СЕ ГНЕЗДА НА НИКОЛОСКИ

По гурбетот во Германија на пензионерска двојка

Сопружниците Маре и Митре половина година се закотвени во Прилеп, а другата половина се Германци, поради трите деца и внуците во Нирнберг

Megu decata i rodnata grutka - Mare i Mitre Nikoloski2019

Животниот ветер пред 46 години со децата ги однесе во Германија на печалба Митре (72) и Маре (74) Николоски. Четири децении подоцна брачната двојка пак се прилепчани половина година, а зимата ја минува како пензионери со семејствата на трите деца во станот во Нирнберг. Нераскинлив е синџирот со татковината, со огништето, не се делат Николоски ниту од внуците на едниот син и двете ќерки. Од април уживаат во топлината на домот и климата на  Прилеп, а од тмурните ноемвриски градски сивила заминуваат кај потомците во Германија. Свија ново гнездо во родниот крај. Веќе шест години имаа два дома откако се на заслужено мирување по 40 години печалба во текстилни фабрики и на тезга со зеленчук и овошје на германски пазари.

Не се заситуваат од родниот град.  Секогаш се гладни за земјата своја. Не им пресушува изворот на љубовта, не му истинува копнежот за плочникот, калдрмата на Старата чаршија. Се радуваат што градот е сменет со годините, напреднат, урбанизиран, асфалтиран, озеленет со паркови, дотеран како европските метрополи.   Без да им навираат солзи во очите, сведочат дека го обожуваат градот од младоста. Им блескаат очите, оти секоја година градот го гледа посветол, посјаен подновен со некое ново “руво”. Се гордеат и раскажуваат дека се од Прилеп.      

Судбината сакала да заминат, ама секогаш биле далдисани и за дома. Ведрина зрачат лицата на пензионерите. Го врват третото доба како што сонувале во јабана. Животот е убав покрај наследниците, крај нивните потомци и дома, покрај роднините, блиските.

Кога ќе се присетат на четирите децении велат дека најмногу се радувале кога доаѓале со возот во Прилеп еднаш во годината на две -три недели.

– Се смеевме од радост и ќеф, кога од купеата ќе го здогледавме селото Мажучиште. Знаевме дека сме пред Прилеп. Цутевме, се вцрвувавме од среќа, оти незаменлив е домот. Откако порасна челадта и секој замина на своја страна, секнаа солзите и маките. Работевме, ама без многу стегање – се сеќава Маре.           

Весело им врви пензионерскиот период со роднините во Прилеп и контактите секојдневно со синот, ќерките и внуците.

– Шест години сме половина прилепчани. На пролет и в лето сме во Прилеп, а остатокот од годината сме Германци. Децата доаѓаат по неколку недели. Се собираме во куќата на три ката и со 20 легла. За сите има постела, да не одат по куќи, по роднини или во хотели. Дома е дома. Нема никаде поарно. Радосната атмосфера блика од секоја одаја на куќата полна свои деца и внуци, од кои најмалото е 11 години – вели насмеан и расположен Митре, чие потекло е од селото Никодин.

Маре ја сака својата земја. Со добра пензија пристојно се живее.

– И во Германија сме задоволни. Се одмораме од напорната работа во смени четири децении. Децата доаѓаат секоја година со фамилиите и внуките со дечковците. Им лежи и нив родното место, оти и тие се мачеа таму покрај нас. Престојуваат две-три недели. Не им бледнеат спомените од детството на синот и постарата ќерка, родени во Прилеп. Им се бендисува. Се чувствуваат слободно. Овде добро се живее. Ни останува и за децата, и за внучињата кои го знаат македонскиот јазик – вели Маре.  

Раскажуваат дека заминале во туѓина не од узур и бес, туку од нужда, од сиромаштија, од скудност.

– Во Германија во 1970 година живеевме во мало гратче, единствени Македонци. Сопствениците на една фурна многу ни помогнаа. Се разделивме со солзи и плач. Сопственикот ни беше како татко. Работев само трета смена, а во среда и сабота, па и недела денски продавав овошје и зеленчук на тезга. Преживувавме со компири и макарони. Не стасуваа парите да се одгледуваат три деца. Мачно, напорно, тешко… Ноќта се правеше ден, да се состави месецот. Но, се издржува со силна волја и верба дека трудот се исплаќа, дека влогот е во посреќната иднина на децата. Го научив јазикот со емишот и зарзаватот. Над 40 години минаа, сé до 2010 година кога се пензионирав. Од два куфера што однесовме, сега сме комотни – кажува  Митре.

Николоски не се единствена двојка која дел од животниот пат го минуваат во Прилеп по окончувањето на работниот век.  

Билети за Австралија

На седумдесетиот роденден на Митре трите деца им подариле на родителите билети за Австралија.

– Се собравме да го прославиме роденденот, а децата ни подарија играчка – кенгур. Сите се кикотеа, се смееа. Со Митре не разбираме што е  изненадувањето.  Кога ни на сон не ни паѓаше дека ќе ни купат карти да патуваме во Австралија, ги извадија билетите за патување на петтиот континент каде имаме роднини. Се видовме со своите при престојот од седум недели. Се прошетавме и се вративме. Ми остави впечаток дека нашите таму се поблиски. Живеат едни до други, зборуваат македонски, се среќаваат, што не е случај во Германија – кажува Маре.  

Loading