ОБАМА ЈА ПОДРЖАЛ ХИЛАРИ КЛИНТОН

ivce1И сега? Дали да се гневи човек или да се смее?! А токму така бевме известени од презентерката на една наша телевизија – “Обама ја подржал Хилари Клинтон“. Но… Штотуку почнавме да пишуваме, мораме да направиме пауза. На Радио Скопје има емисија што треба да ја чуеме!… Да! Зашто и тука се повторуваше истата грешка. Ќе се преведувале извесен број македонски литературни дела на други јазици. Од Министерството известија дека тие го ПОДРЖУВААТ проектот. Некои претставниците, чии дела ќе бидат преведувани, се заблагодарија за ПОДРШКАТА.

И не само тука, и не само еднаш. Сите скопски телевизии, сите новинари, сите политичари ја прават оваа грешка. Наместо ПОДДРЖУВА, тие велат ПОДРЖУВА. Дури и тогаш кога е правилно напишано со две “Д“, читаат погрешно со едно “Д“. Зар не ја чувствуваат разликата? Драги новинари, лектори, политичари! Возљубени! Во Граматиката на Блаже Конески постои посебно поглавје “Удвоени согласки“. Нема да се задржуваме подетално на некакви теориски објасненија. Накратко и практично да го објасниме тоа. Еве само неколку примери каде среќаваме удвоени согласки: РАЗЗЕЛЕНИ, ПРОЛЕТТА, ПОДДРШКА и многу други. Ваквите удвоени согласки траат малку подолго од обичните. Нема некоја посебна потреба тие да се пренагласуваат секоја одделно, но треба изговорот да биде малку подолг за да се почувствува разликата – ОТТУКА, не ОТУКА.

Во некои случаи може дури и да се разликуваат значењата на зборовите по тоа дали во нив има удвоени согласки или не. Ќе приведеме само неколку примери. Ако некој работи бавно, ако ја работи работата многу долго време можеме да речеме дека ја ОДОЛЖИЛ работата (со едно: д). Ако некој некому должи пари и поминало многу време, но сепак ги вратил парите и се ОДДОЛЖИЛ (две: д). Значи, човекот работата ја ОДОЛЖИЛ, но се ОДДОЛЖИЛ. Сметаме дека е јасно, дека е видлива разликата меѓу зборовите ОДОЛЖИ и ОДДОЛЖИ. Велиме дека е јасно, ама сепак не е јасно зошто нашиве новинари (па и други) не можат да ја почуствуваат оваа разлика. Затоа случајот со Барак Обама и Хилари Клинтон предизвикува смеа. Презентерката соопшти дека Барак Обама ја ПОДРЖАЛ Хилари Клинтон. Што треба да се разбере од оваа реченица? Глаголот ПОДРЖАЛ значи дека некој држел нешто извесно време, не многу долго. Значи Обама малку ја ДРЖЕЛ, малку ја ПОДРЖАЛ Хилари. Разликата во значењето на ПОДРЖАЛ и ПОДДРЖАЛ е сосема видлива. Обама ја ПОДДРЖАЛ (со две: д), но тоа не значи дека ја држел. Таму, во тие предизборни митинзи Обама и давал ПОДДРШКА,  ПОТКРЕПА. Ја протежирал, ја фаворизирал нејзината политика, нејзината програма.

Еве и друг случај кога се менува значењето во зависност од тоа дали е една согласка или пак е удвоена. Ако некој човек трчал долго време, може да рече дека се  НАТРЧАЛ (се изнатрчал). Ако биле двајца и ако едниот стасал порано, ќе се рече дека тој го НАТТРЧАЛ (со две: т) противникот.

Ако ја членуваме именката ПРОЛЕТ, неопходно е таа да биде напишана со две “Т“ – ПРОЛЕТТА. Ако биде напишана само со едно “T“, ќе се добие нешто сосема друго. Ќе се добие глагол – ПРОЛЕТА. Значи, да речеме, дека некое пиле ПРОЛЕТАЛО, почнало да лета.

Можеби потрошивме голем простор за удвоените согласки. Можеби некој ќе рече тоа е ситница. Навистина е ситница, но еве видовме какви нејаснотии можат да создадат тие согласки кога се сами и кога се удвоени. Ситен е и напорот кој треба да се вложи да не се случуваат грешки. Рековме, само малку подолг изговор кога станува збор за удвоените согласки, во споредба со она кога случајот не е таков.

Еве видовме што значи тоа ако Барак Обама ја ПОДРЖИ Хилари Клинтон, а што значи ако ја ПОДДРЖИ.

Добро е што Бил Клинтон не знае македонски. Кога би ја слушнал информацијата од нашава презентерка којзнае како би реагирал.

Ќе заборавевме! Отворете ја Граматиката на страница 83. 

Loading