ПОЕТСКИОТ ЗБОР СО МЕЃУНАРОДЕН КАРАКТЕР

Утревечер Поетско Маркукуле 2016

Sobir na poeti pod Markukule

Утревечер на падините под Марковите Кули, кај Слонот на тронот, ќе се изведи 11-то издание на традиционалната поетска манифестација Поетско Маркукуле 2016. Организатор е Библиотеката, културното друштво од Словенија, Пела, и Локалната самоуправа. Се очекуваат повеќе од 50 учесници од Прилеп и од другите градови на Македонија. Најавено е учеството на поети од Хрватска, Словенија, Србија и Чешка со што манифестацијата добива и меѓународен карактер.

Директорот на Библиотеката, Петар Петрески, потенцира дека неколку компоненти ја прават оваа манифестација уникатна и толку популарна меѓу прилепчани.

– Неселективноста, односно можноста секој поет или љубител на поетската уметност да се претстави со својот творечки труд, без притоа да биде вреднуван и оценуван од некакво уметничко жири, потоа, местото на одржување – прекрасниот предел на падините под Марковите Кули – простор кој изобилува со историја, култура и позитивна енергија. И на крајот е зборникот “Поетско Маркукуле”, во кој се поместени сите песни од учесниците на претходната манифестација. Ќе бидеме сведоци на жива поетска реч која се трансформира во книжен облик што останува своевиден книжевен документ за човековата посветеност и страст да  создава, а со тоа, повторно и повторно, да ја потврдува сопствената самоидентификација и неспорна творечка верификација – вели Петрески.

Манифестацијата да биде подостапна библиотеката обезбеди автобуски превоз кој ќе тргне утревечер во 18 часот од пред Центарот за култура “Марко Цепенков”.

Замислена и остварена како отворен поетски митинг,  достапен за секој љубител на поетската реч,  од најмладиот до најстариот, без селекција и без други условености,  манифестацијата изминативе години се етаблира како мошне атрактивен и несекојдневен културен настан кој предизвикува несомнен и ненамален интерес кај прилепските книгољупци.

Loading