ЦВЕТАНКА  И ГОРИЦА – ВЉУБЕНИ ВО  МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ НОСИИ

Едната без другата не можат. Едната ги шие, а другата ги везе -оригиналните народни, етно носии од повеќе краишта на Македонија. Горица Маркоска, која на времето пред пензионирањето била погонски инженер во ТИ „Билјана„ е везачката на оригиналните македонски машки и женски носии, а Цветанка Талеска е шијачката  на големите, а потоа и на минијатурните сувенирски модели на народни носии.  Вљубени се во македонскиот фолклор и во она што некогаш значело макотрпно работење, везење со оригинални материјали – конци, монистра и секако платно, на раце ткаено.

Горица, како што ни кажа, е од село Долгаец, ги сака и не може да се оддели од она што како мала, а и потоа, го гледала како нејзините постари дома везеле народни носии. Го засакала македонскиот  фолклор и само што ќе ја видела носијата нејзе веднаш и се врежувала во главата. Како да ги скенирала, ги цртала, а потоа и ги везела  сите фолклорни елементи зависно од кој крај е носијата. А, Цветанка пак ги шиела најпрво поголемите, оригалните по големина носии, а потоа и малите,  минијатурните, исто така оригинални носии. Големи оригинални носии, изработени преку 40, носат многу девојки и момчиња во КУД во Америка и Канада.

– Имаме изработено минијатурни, сувенирски модели на мали носии, со големина од најмногу две педи, а и  помали  што  е  макотрпна и тешка работа. Не е само да се  сошие, или навези малата носија, ами треба да се погодат и боите на конците, материјалите што се користат. Платното на почетокот го имавме од свекрва ми, два топа, големи на раце ткаени. И, кога сфативме дека нема да имаме доволно за понатамошна работа, се определивме и почнавме да правиме, шиеме и веземе мали, минијатурни народни носии. И, од нив имаме раздадено насекаде низ светот, зашто сите се оригинални, онакви какви што се носеле во времето во било кој крај во Македонија. Но, сепак најмногу имаме направено од прилепскиот, мариовскиот и битолскиот крај. Секое село, такаречи си имало посебна носија. И, ние најпрво ги разгледуваме, сега и ги снимаме на телефон и потоа полека ги кроиме, шиеме и се разбира оригинално ги везиме – вели Горица.

– Најтешко што ни е, да ги чуваме. Не се чуваат волнените материјали на отворено, веднаш ги напаѓаат молците – се вмешува во разговорот, шивачката Цветанка.

Кај Цветанка има една голема просторија каде што се сместени малите, минијатурните носии. Човек не може да се изнагледа на боите, мајсторилакот, со љубов направените носии. Изработени се со голема умешност.

А, како што велат и двете, иако веќе се во поодминати години нема да се откажат од оваа заедничка за нив макотрпна но, сепак со задооволство посакувана насекаде работа, додека  ги служи видот и се разбира, здравјето.

– Имаме разбирање од домашните, нам ни е интересно и ние се внесуваме некако занесно во работата и ни врви времето – велат двете.

Горица раскажува дека нејзината внука од син, која живее во Америка, има нешто наследено од неа, и сака и иако мала, покажува интерес  за  оваа на баба интересна  љубовна  пасија или хоби.

И,  двете изработувачки на големи и мали оригинални народни носии се надеваат дека ќе се најдат заинтересирани во градов, а и пошироко и ќе  можат да ги прикажат нивните народни носии, оние минијатурните на некоја изложба, што секако би било интересно за зачувување на народниот фолклор, на нашата македонска народна традиција.

К.Ристески

Loading