И СО ЗЛОСТОРОТ НАД ЛИПИТЕ СМЕ ДАЛЕКУ ОД ЕВРОПА

РЕАКЦИЈА

Umiraat lipite od negrizata na sograganite

Во последниот број, 407, на “Зенит” од 24.06.2016 г. на страницата 3, конечно се појави напис со осуда на бездушното уништување на липите во градот во периодот кога тие цветаат. Иако е за поздравување, написот е малку задоцнет, ако се знае дека липите веќе прецветаа, откако и годинава го дадоа својот “данок во крв”.

Но, подобро некогаш, отколку никогаш. За жал, оваа појава не се случи само годинава (како што е тоа наведено во текстот), туку континуирано се дивее со години наназад. И тоа пред очите на целата јавност. Несфатливо е, како инспекторатот и полицијата, и покрај законските одредби, дозволуваат секоја година да се масакрираат липовите дрвја до степен на соголување. Што е уште позначајно, најмногу страдаат липите засадени токму по должината на Булеварот, во строгиот центар, од дрворедот со којшто толку многу се гордееме. Жива срамота!

Се прашуваме, дали имаат совест тие што вандалски ги уништуваат дрвјата. Очигледно, кај нив не останало ниту “с” од совест, бидејќи не избираат ниту средства, ниту начини да дојдат до денар повеќе, иако добро знаат дека со тоа нема да им се решат наталожените егзистенцијални проблеми.

Но, суштината не ја сочинуваат само тие што го генерираат проблемот – вандалите. Нив ги имало отсекогаш, а во иднина ќе ги има само ако тоа им се дозволи. Дивеењето врз липите е последица, а причините и одговорноста треба да се лоцираат на сосема друго место! Проблемот континуирано се повторува од година во година, па дури и се продлабочува, токму заради отсуството на проактивни мерки за сузбивање и искоренување. Соопштението, издадено од Инспекторатот на општина Прилеп, со кое се известуваат жителите на Прилеп и околината дека уништувањето на дрворедите и дрвјата, а особено на липите, е казниво, претставува само “мртво слово на хартија”. Бидејќи масовноста на појавата ни дава за право да се заклучи дека некој досега е казнет. Во соопштението дури и се вели: “Сите лица кои ќе бидат затекнати, ќе бидат санкционирани согласно законските прописи”. Да, се согласуваме, и ние сакаме да биде како напишаното, но проблемот е во тоа што во периодот на цветањето на липите, претставниците од надлежните служби не се присутни на терен, никој не е затекнат, па липите непречено се масакрираат и дење, и ноќе. Колку што знаеме, единствените лица кои секојдневно ги затекнуваат уништувачите на дрвјата се, граѓаните. Тие остро реагираат и ги бркаат вандалите. Некои совесни граѓани дури и влегуваат во отворен вербален конфликт, одземајќи им ги реквизитите за сечење на гранките, конфискувајќи им ги количките и велосипедите, дури им го одземаат и пленот за да ги одвратат од намерите повторно да дојдат и да продолжат со касапењето на дрвјата. Секоја чест за совесноста, но во правна држава со закони, граѓаните не треба да ја играат улогата на полицајци или инспектори. Затоа, на сите им е јасно дека сѐ додека организирано и проактивно не му се пристапи на проблемот и навреме не се превенира повторувањето, резултатите ќе бидат поразителни.

Поразително е сознанието дека покрај постоењето на законски одредби, тие не се применуваат. Сторителите не се санкционираат. Поразително е сознанието дека надлежните служби сакаат да се амнестираат од одговорноста само со објавување на формални соопштенија. Поразително е сознанието дека во битката за профит, организациите што вршат откуп на липовиот цвет не вршат контрола ниту на потеклото, ниту на составот и чистотата на “суровината”, па липовиот цвет легално се откупува од еколошки најзагадениот дел од градот – булеварот, загаден со праф, бензин и олово од канцерогените издувни гасови на возилата. Поразително е сознанието дека градов сѐ повеќе се пустоши и започнува да прилега на “село без кучиња”, во кое секој може да прави што сака, и кога сака. Поразително е сознанието дека додека упорно се трудиме “да ја засадиме нашата иднина” преку акциите за пошумување, ништо не преземаме да го спречиме злосторот над дрвјата што со години се одвива пред нашите очи. Поразително е сознанието дека ниту една државна институција, ниту едно еколошко друштво, граѓанско здружение или асоцијација јавно не реагираше на ваквите состојби. Уште попоразително е сознанието дека никој не презема конкретни мерки да стави точка на ова неконтролирано дивеење.

Се прашуваме, дали и во Виена, односно во паркот Пратер, се случува истото ова. Одговорот, веруваме, е повеќе од јасен, исто толку колку што е јасно зошто таму е така, а не вака! Токму затоа, тие се таму каде што се, во Европа. Со менталитетот, совеста и уште помалата етичност, уште повеќе заради сопствената мизерија, немоќ, лицемерие и непрофесионалност, можеме само да сонуваме дека еден ден ќе станеме достоен дел на цивилизацијата во која се пропагираат европските вредности.

Во текстот се заклучува, “липовата мискојна е во рацете на младите поколенија”. Се сомневаме дека е така. Нашите предци ни оставиле наследство што, очигледно, не го заслужуваме, бидејќи не сме кадарни да го чуваме и негуваме. Можеби еден ден ќе се освестиме и конечно ќе сфатиме дека сегашноста не ја наследуваме од нашите предци, туку иднината ја позајмуваме од нашите поколенија. До тогаш, прашање е дали во градов ќе преживеат липовите дрвја.

Група граѓани  од булеварот “Гоце Делчев”

Loading