ПРИЛЕП БЕЗ МОРЕ СТАНА ТУРИСТИЧКА МЕКА

Богато културно – спортско лето

– Забава за сите генерации

11

Прилеп нема море, ниту езеро, но последниве години стана туристичка мека. Со низа културни и спортски манифестации кои се организираат, особено во летниот период, привлекува сé поголем број посетители, љубители на манастирскиот, алтернативниот и фестивалскиот туризам. Тој е трет град, по Скопје и Охрид, по бројот на посетители. И ова лето Центарот за култура “Марко Цепенков” и локалната власт најавија преку 60 различни културни и спортски настани. Магнет е фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасоски”, кој се одржува викендов. На 10 јули е најавен “Македонскиот иселенички фестивал”, единствен во Македонија од овој тип, каде ќе пеат и свират Македонците – иселеници. Претстои “Пивофестот 2016” од 14 – 17 јули, најатрактивен на Балканот, на кој се очекуваат над 350.000 посетители. На 21 јули ќе се одржи “Македонски чалгаџиски  песни” на камената бина, а на 25, 26 и 27 август е петтиот “Џез фестивал”. Фестивалскиот туризам и богата културна понуда му носат на градот економски бенефит.

– Повеќето настани се на отворен простор со цел културата да биде поблиску до публиката, а алтернативните спортови го прават овој регион, Прилеп заедно со Крушево и Кривогаштани, попривлечен за љубителите на екстремните спортови. Се трудиме да има забава и настани за сите возрасти и генерации, а младите се најбројните. Целта е раздвижување на локалната економија. Сите активности се со цел за развој на културниот туризам, на кој посветуваме поголемо внимание. Прилеп е најчестата дестинација за еден или неколку денови, после Скопје и Охрид – вели градоначалникот Марјан Ристески. 

ЦК “Марко Цепенков”, со подршка на Министерството за култура и со сопствени средства, ќе реализира околу триесетина настани – концерти, изложби, театарски претстави на различни локации. Ќе настапат групата Баклава, Ар либитум Трио, Бобан Мирковски, фолклорни друштва. Планирани се десетина изложби на еминентни уметници, Мирна Арсовска, Драги Хаџи Николов, на Буба Солак и на др. Ликовната колонија Дрен, годинава ќе се одржува во Прилеп, наместо во манастирот Свети Илија.

– Колонијата Дрен станува мултимедијална, не е само сликарска туку се опфатени и сите други модерни уметности. Се сели во Прилеп да биде поблиску до публиката и да овозможи користење на други уметнички техники, како вајарство, графика, видео бимови и сл. Традиционално ја организираме и манифестацијата “Изворен фолклор на Балканските народи” – вели  Тони Чатлески, директорот на ЦК “Марко Цепенков”.

Културните настани кои ќе го збогатат ова жешко лето се резултат на амбициозноста и способноста за добра организација на лидерите на институциите и првиот човек на градот кој наоѓа поддршка и во подготвеноста на сите чинители и јавни претпријатија да соработуваат со цел квалитетна понуда и задоволни посетители.

Прилеп е привлечен со значајното археолошко богатство, со квалитетните угостителски објекти и пристапната трговска понуда.

ПРИЛЕП ВО СВЕТСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА АЛТЕРНАТИВНИ СПОРТОВИ И  ТУРИЗАМ

Прилеп заедно со соседните општини Крушево и Кривогаштани летово ќе понудат многу спортски настани. Од 17 до 30 јули ќе се одржи 19-то Европско првенство во змајарство и 5-то Светско првенство во змајарство со над 1.000 учесници. Од 8 до 20 август во прилепско – кривогаштанскиот и крушевскиот регион ќе биде организирано и 14-то Европско првенство во параглајдерство. Од 19 до 21 август ќе се одржи велосипедската планинска трка “Крушево низ корија”, а од 15 до 27 септември, Прилеп ќе биде домаќин на ултра маратонот.

Прилеп е единствена општина во земјава, која стана членка и на Светската федерација на алтернативни спортови и туризам.

Loading