СОЗДАВАЊЕ СПОМЕНИ ПРЕКУ LOVE STORY

Керов продукција

Love story e posebno dozivuvanjee vo koe mladencite se   glavni zvezdi - Kerov

Откако апаратот првпат го фатил в раце на 10 годишна возраст, Виктор Керов до ден денес е “заразен” со фотографирањето. Некогашното хоби, веќе пет години му е егзистенција. Вооружувајќи се со искуство, стапнал на бизнис почвата со сопствено студио за снимање и фотографирање на свечености “Керов продукција”. Девет месеци ја тера амбицијата на постојано техничко и креативно усовршување. Се грижи најубавите моменти од животот не само да ги зачува, туку преку фотографии и видео спот да раскаже незаборавна љубовна приказна. Професионалниот пристап му донесе репутација на студио кое не смее да се заобиколи. Приоритет му се “love stories”, а на “менито” на услугите има и крштевки и други семејни настани, односно сé што е поврзано со љубовта, од врската меѓу момчето и девојката, до светиот чин – венчавката. Така, 26 годишниот Керов, не само што лови моменти преку објективот, туку и го документира историскиот ден на оригинален начин, креирајќи ремек дела за привлекување на младоженците не само во градов, туку и низ државава.

– Гледајќи од хоби “love story”, се вљубуваш во филмот и стопати го гледаш. Откако  почувствував дека  можам, ми легна работата. Со време, се развивав и квалитетот го унапредив во бизнисот до степен што нудам различно, невидено. Почнав самостојно да го овековечувам денот на венчавката, оти младите мечтаат, сонуваат и копнеат. Го паметат чинот на стапувањето во брак до крајот на животот. Низ  фотографии или видео, како продукција овозможуваме единственост во доживувањето, за паметење за век и веков – вели младиот Керов.

Повеќе од доволно е младите да му се отворат како на матичен лекар, да му кажат што сакаат и за веднаш во главата да создаде визија за нивната хартиена или видео приказна.

– Покрај фотосесијата, живописноста на видеото ја овековечува свадбата и прави да изгледа перфектно. Фото и видео снимањето на венчавката е битна инвестиција, но на крај, најважно е каков е готовиот продукт. Какво студио, таков е резултатот, такви се спомените. Сликата говори повеќе од зборовите, а нашите модерни “подвижни слики” или спотот ги будат најдрагите спомени и овозможуваат никогаш да не избледнат. Тоа е бенефит за лично задоволство, кое носи напред. Но, и најтешкиот дел. Има движење, гестикулации, зборови, музика… Се избираат кадри, боја и внимателност на деталите. Неизбежна е креативност. Сé да е прецизно смислено. После пак се гледа десетинапати со чувство како да си добил новороденче. Ако клиентот не е задоволен, џабе е, дури трудот да вреди и за светска награда. Успехот се мери со возвратена насмевка. Им помагам на клиентите со тотална грижа за естетика – вели Керов, полн со елан и амбиција максимално да ги претвори сништата на младенците во јаве. 

За младиот креативец, секоја нова свадба е предизвик да се забележи на најубав и уникатен начин. После снимањето уште со поголемо внимание се втурнува во макотрпниот дел на избор и монтажата, па во обработката на фогографиите, да се пренесе незаборавна приказна за венчавката. Низ обејктивот ги бележи периферните, а значајни моменти, користејќи го секој детал за израз. Низ кориците од албумот или со видео записот поентата му е трајно да се врежи денот на свадбата, крштевката…                  

Loading