НАЈУБАВИТЕ ПРОИЗВОДИ НЕ СЕ РЕКЛАМИРААТ

Како влијаат рекламите при купувањето?

Секојдневно сме “бомбандирани” од реклами на ТВ, интернет, радио, на билборди, од кои се упатуваат различни пораки со главна функција – убедување на купувачот. Од друга страна, преку нив дознаваме нови производи, распродажби, новоотворени продавници… Во неколку блок реклами на еден филм, до нас допираат десетина, ако не и стотина информации. Фирмите вложуваат напор и огромни средства да нé стимулираат и мотивираат да создадеме позитивен став за нивните производи. Големите и малите произведувачи катадневно се во овој “ринг”, а за рекламите меѓу граѓаните постојат различни мислења. Секој потрошувач е индивидуа со свој систем на вредности, потреби, желби и стандарди. Затоа на различен начин ги перцепираат рекламите. Таа може да им се допадне или не. Така, додека едни сметаат дека тие се главен начин за информирање, други велат дека се една страна од медалот и на тој начин мноштво карактеристики на производите и услугите се сокриваат. Трети најчесто купуваат во супермаркети, водејќи сметка за цените, а само понекогаш читајќи ги декларациите.

Неделникот “Зенит” го интересираше како преку пренесената порака, рекламата влијае врз ставовите, емоциите, верувањата и одлуките за купување кај сограѓаните. 

Zoran Risteski Зоран Ристески: Не им верувам на производите кои се рекламираат, оти ништо од рекламираното не е точно. Цените од рекламата кажуваат едно – намалување, зголемување, а кога ќе отидеш да пазариш, гледаш дека го нема попустот. Претходно ги зголемуваат цените да ти направат “оптичка мамка” кога ќе пазариш. Не купувам ни производи на акција. Купи два, третиот гратис. Нема гратис, кој ти дава џабе? Ако ти даваат, нека ти дадат без да те условуваат претходно да купиш два производи. 
Viktorija Veleska  

Викторија Велеска: Вистинити ми се производите на акција, особено за облека. Кога во бутик пишува дека има намалување, верувам, но не и дека попустот е 50 отсто. Нешто се најдува намалено на половина цена, но не на сите, иако така “врескаат” излозите. 

Ljubica Atanasoska Љубица Атанасоска: Немам доверба, оти во супермаркетите, таквите рекламирани производи или акциски намалени се со изминати рокови на траење. Често подметнуваат и други етикети, создавајќи погрешна импресија за составот. Не им верувам ни на акциските производи дека би можел да купиш два производи за цена од еден. Сето е кинеско.
 Ilco Koteski  

Илчо Котески: Не се водам од рекламите кога купувам. Велат дека се рекламира неквалитетното. Не се рекламираат најубавите производи. 

 Stefani Veleska  

Стефани Велеска: Рекламата би ми го привлекла вниманието ако е интересна и смешна. Но тоа не ми е пресудно за купување. Препорака од пријател, роднина за квалитетот најмногу влијае. “Заробеник” сум на акциски шопинг на попусти.  

 Nadezda Giceva  

Надежда Гичева: Не верувам, оти рекламираат неквалитет. Не обрнувам внимание и не ги следам. Менувам канал да не губам време, “труејќи” се со лажни информации. Немам лично искуство, но купувам проверени производи, отсекогаш што сум ги користела. 

Силвана: Мислам дека се фалшиви, посебно шампоните и другата козметика. Сум пробала шампон од друга држава и од нашата и има голема разлика. 

Даниела: Зависи од рекламата. Некогаш верувам, некогаш не. Сомнителни ми се рекламите за прехрана. Не знам што е составот, иако на етикетата е напишано сé и сешто. Би купила производи кои се на акција, или одат со гратис, ако сметам дека е соодветна цената. 

Валентина Милоска: Не верувам на секоја реклама која што ќе ја видам, оти се полни со лаги. Реткост е да бидат вистинити, туку повеќе доведуваат до заблуда. Привлекуваат намалувањата, но и тие цени не се соодветни на вредноста на продуктот, иако ги купувам.

Оливера: Рекламите ги прифаќам со резерва. Зависи. Никој не може да пере толку брилијантно како што кажуваат, само Снежник и ќе ги прегориш алиштата. Верувам на акциските попусти во бутиците, оти се најдува облека на распродажба, за секој да купи по нешто.

Роберт: Не купувам производи според рекламата, додека лично не се уверам. Не е секогаш битна цената. Рекламата, како информација е добра. Ако не ја видиме, нема да знаеме што има. За купување не е пресудна. Исто е и со акцијата. 

Рекламите влијаат врз потрошувачите, бидејќи се гради свест за брендот, за менување на ставовите, навиките, па и животниот стил. Најчесто влијаат при акциското намалување, не негирајќи дека главно се информираат преку ТВ, интернет и радио. За среќа, не мал број на луѓе сé помалку веруваат на рекламите, иако некаде уште владее двоумење дали да им веруваат или не на “комерцијалните” производи. А кон оние кои веруваат, производителите имаат одговорност, ако нешто тврдат, тоа да го испорачаат.  

Loading