БОЖИНОСКИ Е ВЕТЕРИНАРЕН ТЕХНИЧАР ЗА ПРИМЕР

Tezat nagradite i medalite - Spiro Bozinoski

Ветеринарниот техничар, Спиро Божиноски од СОУ “Орде Чопела”, е матурантот кој одбивал да чита лектири, но затоа гледал многу цртани додека бил основец. Тој е првенец на генерацијата кому му “тежат” наградите. Тата – мата е за анатомија. Дека вешто, брзо и точно препознава коски и органи на животни говорат двете победи, годинава и лани, како и второто место оломнани на тракторските натпревари. Поврзувајќи ја хемијата со ветерината, од знаење за тоа како функционира организмот, од лекови, до стерилизација на инструменти и дезинфекциони средства, ја негува љубовта кон животните. Како матурант, не само што ја одбрани земјоделско-ветеринарната струка, туку и профилот ветеринарен техничар, станувајќи лидер во двете категории на натпреварот Лидер на струката.

– Мотивот е вроден, оти не се замислував дека ќе бидам ветеринарен техничар. Само ги сакам животните. Не ми беше во преден план да освојувам награди, туку да учам ветерина – кажува Божиноски.

Покрај наградите од Народна техника во областа хемија, од година во година стануваше сé подобар. Во прва година за неорганска хемија беше трет, а во втора и трета за органска втор и прв. Годинава со темата “Биогас – гориво на иднината во современите фирми” се избори за втората позиција.

Животот му е толку поврзан со животните уште од мали нозе кога одел на село кај дедо си и се вртел околу кравите и овците. Благодарение на овците, научил правилно да ја изговара специфичната буква “Р”, кога ги терал на пасење со извикот „ ‘Р ‘р ‘р“. Роденденските торти секогаш му биле со животни. Сега дури и цела маса уредил со куповите играчки – животинчиња од детството.

– Ја искористив љубовта кон животните и не жалам. Им порачувам на сите да се насочат кон она што го сакаат, оти љубовта ќе ги повлече и нема да осетат напор – додаде талентираниот ветеринар, упатувајќи благодарност до родителите, професорите Игор Галоски, Билјана Апостолоска и Татјана Тасеска, како и до фамилиите Пуцакоски и Наумчески на чии фарми ги усовршил практичните знаења.

Често му биле доверени прегледите на животните во училишната амбуланта. Се сеќава не само на клиничките, туку и на специјалните прегледи, како ректален преглед, дезинфекција на рани, апликација на лекови, обдукција и сл. Во училиштето дури има и свој споменик – скелет од крава, заедничка изработка со соучениците.

– Од секој професор научив по нешто, не само ука, туку и совети за животот. Не ми е важно да освојам место, туку да се надгради стекнатото знаење, дружбата со ученици од други градови, но посветеноста даваше плодови. За успешна работа и освојување медал, потребен е добар и посветен ментор, како Галоски. Покрај него многу научив, уживав во неговите предавања – кажува Божиноски кој посети обука за ветерината и во Португалија.

“Вооружен” со знаења и практично искуство се стреми кон Ветеринарниот факултет.

Loading