ИГРАЧИТЕ ПОРАСНАА ТАКТИЧКИ И МЕНТАЛНО

Ракомет: Томче Петрески, тренер на Прилеп

– Излегуваме во Европа и задоволни сме

Moment od mecot Prilep - Vardar

Заврши првенството во машката ракометна Супер лига во кое екипата на Прилеп е на 4. место, под фаворитите Вардар, Металург и Струмица. Постигнати се 14 победи, една нерешена и 13 порази, а само во плеј – офот билансот е четири победи и шест порази. По последниот дуел дома (34-38) со шампионот Вардар, првите впечатоци и оценки ги дава тренерот Томче Петрески.

Можевте да бидете и трети?

– Да, ако го совладавме Охрид. Ја пропуштивме шансата. Сепак, излегуваме во Европа и задоволни сме.

Постигнатото е над планот?

– Со расположливиот буџет, разбирливи се скромните амбиции за опстанок. Ја искористивме шансата. Добро одигравме ослабени.

Што се случи?

– Играчите го дадоа максимумот. Се потстегнаа  и беа најдобри токму во плеј – офот. Го надминавме Охрид, тим кој претендираше на третото место. И Работнички беше кандидат, а го совладавме во Скопје.

Правевте пресврти?

– Есеноска губевме веќе добиени мечеви. Потклекнувавме со еден – два разлика на крајот. Сега е обратно. Целата филозофија е да нема олабавување или предавање, без разлика на резултатот. Го подигнавме моралот и се движевме по нагорна линија. Играчите пораснаа и тактички и ментално.

Претстои одмор?

– Ракометарите веќе немаат обврски. Наредниот собир треба да биде кон крајот на јули или во почетокот на август.

Очекуваме посилен Прилеп?

– Зависи од буџетот. Би сакал да го дигнеме нивото. Сум сите засилувања да се задржат, да се донесе уште некој нов.

“ЦЕПЕЛИН” НА ШОКОСКИ

Екипата на Прилеп му даде силен отпор на Вардар, а публиката во салата “Ричко” ја израдуваа потезите на најмладите. Голманот Давор Илиоски двапати одбрани, а меѓу стрелците се запишаа Џулијано Тодороски (2), Христијан Спасески (1), Јане Јанески (4) и Давор Шокоски (3). На додавање од Спасески кадетскиот репрезентативец Шокоски постигна атрактивен гол со “цепелин”, совладувајќи го Петар Ангелов. Најефикасни на мечот беа Пеце Ѓорѓиески (Прилеп) со седум и Дејан Манасков (Вардар) со 12 гола.

Табела: Вардар 30, Металург 24, Макс Струмица 15, Прилеп 12, Охрид 9, Работнички 0.

ПРИЕМ КАЈ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

Rakometarite kaj gradonacalnikot

По завршувањето на сезоната членовите на РК Прилеп беа примени кај градоначалникот Марјан Ристески. Тој нагласи дека ракометарите се гордост на градов, бидејќи со успесите го вратија епитетот “ракометен Прилеп”.

–  Четвртото место претставува голем успех за респект со оглед на условите за тренинг, натпревари и скромниот буџет. Локалната самоуправа ќе се грижи да обезбеди услови за врвно спортување – рече Ристески.

ЕВРОПА ПО 12 ГОДИНИ

Прилепскиот машки ракомет излегува на европската сцена, Челенџ купот, по 12 години. Во сезоната 2003/04 последен пат таму се појави екипата на Тутунски комбинат бренд. Тогаш победи со Мамули Тбилиси (Грузија), а загуби од Сласк Вроцлав (Полска).

Женски претставник во Европа последенпат имавме во 2013 година, кога Жито Прилеп во ЕХФ купот отпадна од германскиот Гепинген.

Loading