РЕТРО АЛБУМ ЗА ДЕТСКИТЕ СПОМЕНИ

ОУ „Кочо Рацин“

Nazad vo minatoto - niz fotografii i zboroviИако повеќето се родени пред една деценија и не се ниту возрасни, а уште помалку “престарени”, учениците од шесто одделение од ОУ „Кочо Рацин“ преку проектната задача ги разбудија сеќавањата на родителите за миговите на нивното доаѓање на свет. Некои знаеле, а некои научиле во колку часот точно се родиле, колку тежеле, кои биле нивните први зборови. Изработката на ретро албум ја разбуди љубопитноста, но и ги разбуричка емоциите.    

– Наставното подрачје изразување и творење, предвидува развивање на техниките за раскажување, користејќи хронолошки принцип и ретроспективно навраќање, со цел да ги разберат и да прават разлика. Преку изработката на ретро албумите, низ кус текст со фотографии го опишуваа најраното детство. Ги сакаат часовите, оти се креативен начин на учење, каде целосно се отвора фантазијата. Сите максимално беа заинтересирани – вели наставничката Наташа Кулевска.

Во проектот помагале и родителите. Со користење на лепило, фломастери и други материјали, го доловиле минатото, за кое не се сеќаваат.

{AG}399/koco{/AG}

– На почеток имаа многу прашања, што како, зошто, од каде да бараме податоци, но кога добро им ја објаснив целта, беа радосни и се гледа по нив, носат многу материјали и се целосно внесени во часот. Се стасува полесно до целта со креативни задачи. Сите ги кажаа убавите спомени од детството. Да имаат поуспешна атмосфера за работа им дозволив послободен час – додава Кулевска.

– Напишав за настаните додека сум бил бебе. На две години, мајка ми ми дала парче торта, а јас му сум ја зелепил на кумот. Со фломастер и лепило го доловив настанот – вели Леонид Јорданоски.

– Сум била родена со 45 центиметри должина, а тешка 2.400 грама. Паметам некои случки. Сакав да чкртам по ѕидот, а за тоа најчесто го обвинував брат ми – вели Марија Здравеска. – Ги одбрав сликите со првата кукла за првиот роденден, за Прочка кога бев Снежана, првиот училишен ден, в чаршија со брат ми и други. Сите ми се драги. Од толку спомени тешко ми беше да одберам. Ги гледав сликите и ги опишував – вели Марија Ристеска.

– Ги избрав сликите на роднините кои ми недостигаат, оти се во Скопје и Германија. Тука се сликите и на кумот, бабите и дедовците – вели Анастасија Бошкоска.

– Податоците ги најдов во “Радосницата”, која мајка ми ги пишувала – вели Сара Јошеска.

– Моментите кои ги запечатив се кога првпат сум била на одмор, мојата омилена играчка, првиот збор… Треба волја, да бидеш креативен. Многу бев возбудена, радосна – вели Фиона Мирческа.

– Буричкав по спомените со помош на мајка ми – вели Катерина Михајлоска.

– Ќе го чувам албумот, оти се запишани сите спомени – вели Исидора Узелац.

– Пресреќна бев за задачата. Ги ставив само среќните и смешните моменти – вели Антонија Цветаноска.

– Сум бил мирно дете. Сум се сретнал со најпознатиот каратист Лука Валд од Италија – вели Никита Николоски.

– Сум била најрадосна кога се родила сестра ми, оти сум ја држела в раце – вели Викторија Петкоска.

Наместо да имаат обично предавање, учениците ќе го помнат долго часот по македонски јазик, а албумот ќе им остане како подарок и спомен. 

Loading