ФЛЕКСИБИЛНИ ДАНОЦИ

Бошко Талески – раководител на одделението за администрирање со приходи при локалната самоуправа

– Даноците се трошат за локална инфраструктура…

– Од дефицит на општинската каса до оптимум без раст на давачките

Podobro utre e podobro osmisleno denes - Bosko taleskiНадградувањето на модерниот систем за администрирање на даноците, почна со процесот на фискалната децентрализација законски од 2005 година или фактички од стартот на 2006 година. Бошко Талески, сегашниот раководител на одделението за администрирање со приходи при локалната самоуправа, е човекот кој го постави системот на модерно одделение. Локалната самоуправа, согледувајќи ги тогашните актуелни состојби, донесе повеќегодишен акционен план со сеопфатен сет на активности кои го поддржуваа понатамошниот развој на овој сегмент од општинската администрација и го претворија во функционално одделение за администрирање на приходи. Активностите вклучуваа неопходни алатки за успешно администрирање на данокот на имот, данокот на подарок и наследство, данокот на промет со недвижен имот, како и комуналните такси.

Еден од клучните сегменти кон којшто требаше да биде насочен интересот на носителите на фискалната политика беше дефицитот на тековната сметка на локалната самоуправа и јавните претпријатија. Поради ваквата наследена состојба, локалната самоуправа ги насочи своите ресурси кон градење на репрезентативен даночен систем кој што од година во година се унапредува и се насочува во јакнење на фискалниот капацитет на општината.

Како од аспект на Одделението за администрирање со приходи може да се коментира подмирувањето на даночните обврски од правните и физичките лица?

Секоја институција мора секоја задача во вистинскиот момент да ја изврши на најдобар можен начин за да биде ефикасна во давањето на административните услуги. Прва и единствена цел мора да биде максималниот квалитет во работењето. Заради тоа, беше и уште е предизвик да се создаде квалитетен даночен амбиент, чија главна карактеристика ќе бидат неколку основни начела и принципи и тоа: професионалност и стручност, независност, едноставност и услужност, транспарентност, политичка неутралност и праведност, ефикасност и ефективност. Притоа, повеќе не е доволно вработените да се круто оперативно оспособени, послушни и само формално присутни на работното место. Од нив се бара знаење, висок степен на концентрација, креативност, мотивираност, посветеност и соодветна организациска култура на однесување. Во тој контекст, нашата мисија беше во прв ред да обезбедиме исклучително високо ниво на квалитативни даночни услуги, да ги поедноставиме даночните постапки даночните обврзници навремено и точно да ги исполнуваат даночните обврски. Ова беше единствената формула на што можевме да се надеваме за праведно и ефикасно собирање на локалните даноци, такси и придонеси. Заради сето тоа, даночната совест е на сé повисоко ниво, што значи навремено и редовно намирување на обврските на нашите сограѓани.

Дали финансиската состојба на правните и физичките лица влијае на флексибилноста во наплатата на локалните даноци и такси?

Пред нас е уште една календарска, односно фискална година. Се надевам ќе биде исполнета уште со поголеми достигнувања на професионален план. Изминатата година беше значајна за општината и за нашата администрација заради тоа што се навршија 10 години од почетокот на фискалната децентрализација. Менаџментот на општината уште од старт во 2005 година одлучи да води политика на оптимални даночни стапки кај сите  локални даноци, такси и придонеси. Бидејќи се работеше за позитивен економски момент, ценевме дека оваа политика на оптимални даночни стапки ќе биде еден вид на избалансирана буџетска стратегија. Во тој момент, верувајќи во сопственото знаење и способности, ги менувавме состојбите во насока на создавање на претпоставки за поефикасно и поквалитетно работење, втемелено врз нови финансиски, економски и даночни односи. Сепак во 2009 година, со оглед на новонастанатата светска економска и должничка криза се редефинира даночната политика во насока на политика на минимални стапки на локалните даноци, такси и придонеси. Тргнавме од начелото дека нема време за чекање, односно дека нашето подобро утре всушност е нашето подобро осмислено денес. Всушност, предвидувавме дека ќе постигнеме неколкукратни ефекти. Примарно беше задржување на трендот на економски раст и развој на малите и средни претпријатија, зајакнување на фискалниот капацитет на општината, поттик за создавање на креативен бизнис амбиент, зголемување на нивото на фискална дисциплина како и силен удар врз сивата економија и даночната евазија. Секундарен ефект од овие мерки беше дека ваквата политика во иднина ќе значи силен аргумент на локалната самоуправа за привлекување на нови домашни и странски инвестиции и отварање на нови работни места, подигнување на животниот стандард на нашите сограѓани. Конкретно, од имплементирањето на овие мерки поставени на знаења, инвентивност, тимска работа и длабока убеденост дека работите во најголема мерка зависат исклучиво од нас, денес се видливи ефектите.

Дали Владата преку кампањи ја зголеми информираноста и ефикасноста на граѓаните во поднесувањето на нови даночни пријави?

Со помош на владините кампањи се зголеми информираноста кај даночните обврзници. Така, се зголеми и бројот на поднесени годишни даночни пријави. Владините мерки за подобрување на севкупната економска и бизнис клима, особено реформите на целокупната администрација, вклучително и даночната, силно придонесоа да се создаде конструктивен и ефикасен даночен систем. Континуираното инвестирање во знаењата и вештините на вработените доведе до силен раст и јакнење на довербата на даночните обврзници во даночниот систем.

Колкав е предвидениот приход од локалните даноци за 2016 г. и колкав процент од тие средства се вложуваат во развојот на нашиот град?

Средствата од локалните даноци, такси и придонеси учествуваат во креирањето на приходната страна на буџетот на локалната самоуправа во висина од 35 – 40 отсто. За појаснување, сите овие средства до последниот денар претставуваат директни инвестиции во огромниот број на проекти за изградба на нова инфраструктура или за подобрување на постоечката и во градот и во населените места. Од друга страна, со тоа се подобруваат квалитативно и квантитативно условите за живеење. За тоа зборува фактот што локалната самоуправа во изминатата декада реализира огромен број на проекти и градот прераснува во модерно европско место не само за пристојно живеење, туку и одлична бизнис дестинација.

Какви новини се воведуваат на полето на транспарентноста?

Користејќи ја креативноста и искуството на поразвиените средини, од година во година внесуваме новини за олеснување на комуникацијата со граѓаните. Го креиравме проектот Е-даноци, преку кој воведовме електронска даночна пријава, Е-сметководство и Е-архива. Воведовме и Е-данок, односно електронски увид во даночната финансиска картица за секој обврзник одделно и ПОС-терминали во даночното одделение во соработка со банкарскиот сектор. Спремни сме за соработка со мобилните оператори за плаќање на административните такси преку СМС пораки. Најважно е продолжување на комуникацијата со даночните обврзници преку стопанските и бизнис комори, како и преку урбаните заедници, каде што низ непосредниот контакт ги слушаме идеите и сугестиите од сограѓаните. Морам да споменам дека во план е воведување на Е-даночен дневник за истата цел.

Loading