ТУТУН – КОЛКУ ЛАНИ

Првиот тутунар, Данчо Милески, прогнозира

По затворањето на откупните пунктови за тутун, пред почетокот на сезоната и по делумно исплаќање на субвенциите, првиот човек на Сојузот на тутунопроизводителите, Данчо Милески, оценува дека годинава ќе има тутун колку лани, покрај високата просечна цена од 185 денари од килограм и државната стимулација од едно евро. Прогнозите тој ги темели на отсуството на тутунари, особено во источниот дел од земјава.

– Ќе се задржи истиот број тутунари, плус некој процент повеќе заради привлечните цени. Лани имаше повисоки цени и годинава ќе се вклучат други производители. Но, не верувам повеќе од 2-3 отсто. Ќе се зголемат само површините од традиционалците, оти тутунот им е опстанок. Нема аргументи за раст до 25 илјади тони, ако лани се набраа околу 19 илјади тони. Главен фактор е миграцијата, особено во источниот реон. Од 500 тони во 2014 г., таму лани се произведоа 70 тони. Младите не сакаат тутун. Само повозрасните расадуваат – смета Милески.

За да порасне атрактивноста, потребна е корекција на цените на втората и третата класа на 150, односно до 195 денари на двојката. Првата може да оди до 240 денари.

Лани, и тутунарите и откупувачите, беа задоволни од квалитетот, а квантитетот потфрли. Приносите затаија за 25-30 отсто, поради природните околности. Просекот е 130 килограми од декар со типот П-66, а треба да биде двојно поголем.

Loading