ВЕДРИНА СО ОТВОРЕНА РАНА ВО КОЛИЧКА

Силната волја на Трајче Стојаноски (61) со ампутирани нозе и три бајпаса

– Поголем елан му дава љубовта кон седумгодишното внуче

– Со инвалидската количка секој ден минува по седум километри, но полесно ќе му биде со ново електрично помагало

I vaka bi ziveel samo da imam vek - StojanoskiВедрина во животот најдува Трајче Стојаноски (61) со три бајпаса на срцето, во инвалидска количка со ампутирани нозе, и пие цела рака таблети дневно, а инсулинот му е “десерт” после секој оброк. Покрај немилата судбина минативе 20 години од првата операција на срцето, па до отсекувањето на нозете поради дијабетесот, не се затворил дома во четири ѕида. Не плаче и не лелека на судбината. Напротив, душата му е облеана со позитивност, лицето секогаш му го краси насмевка, а очите му плачат од среќа што уште е жив. Не мирува покрај недостатоците и ограничувањата за движење. Постојано шета со механичката количка. Го врти цел град и да врне и да грми. Полека го издаваат рацете. Се напрега. Ако успее да најде помагало на електричен погон, животот ќе му биде песна. Се надева на помош од Здружението или на некој бизнисмен или добронамерник кој ќе му ја олесне мобилноста и уште повеќе духовно ќе го зајакне.

Не се жали. Се дружи со пријателите. А најголем елан му дава седумгодишното внуче од синот. Го храни со зборовите, “Дедо, само со тебе сакам да цртам”. Редовен е во Здружението на инвалидските пензионери на партија карти, шах или домино. Со филџан кафе, низ муабет со “колегите”, ги брка лошите мисли и не дава болестите да го кутнат. Вака би живеел, само да има век.

– Секогаш сум ведар, а сите ме прашуваат како ми е. Никогаш не сум рекол не чини. Ми врви времето, оти избегнувам непријатности. Не сакам на улица да ми пријдуваат луѓето од сожалување и да ми остават некое денарче како на питач. Многумина се чудат. Ќе се борам, оти така го замислив животот. Излегувам, шетам, контактирам. Што друго би посакал. Господ да ме остави, да поживеам и да го погледам сонцето – кажува Стојаноски.

Судбината го заковала за количката пред речиси две децении. Од 1997 година е пензионер, откако е опериран во Сремска Каменица на отворено срце и му се поставиле три бајпаси. А 25 години бил работник во металната индустрија Металец. Голем дел од работниот век го минал со стоење, на нозе. Откако му се нарушило здравјето и ги загубил двете нозе, научил да се снајдува со другите екстремитети. Не се остава на рацете од други, туку се потпира на своите. Дури и скали сам качува, поткревајќи се на горните екстремитети. Сам ги врши физиолошките потреби и се капи. Дури и троседот за спиење сам го раскрева. Го собира, перниците ги реди и чаршафите и кебињата ги дипли под конец. Ги остава на столче да ги прибере сопругата. Сам ја поместува и масичката.

– Ако сакаш да живееш, ќе се бориш и сé ќе биде можно. Солзи í течеа на снаата кога ме виде како “цакум – пакум” ја суредив собата. Се чудеше. Сам земам и за јадење. И реков на сопругата, кога не е дома, работите што ми се по ќеф да ми ги остава пониско во фрижидерот. Само еднаш ме има кренато синот од автомобил до тоалет. Оттогаш му се “заканив” дека повеќе не ми треба помош – со ведрина на лицето раскажува Стојаноски.

Ја остава количката и по скали се поткрева на раце. Признава дека има недостатоци животот со инвалидска количка.

– Борец сум. Тешко ми е да ја движам количката со рацете. Заморно е. На два дена менувам нараквици. И гумите бараат менување секои 2-3 месеци. Би ми се олеснало ако дојдам до количка на електричен погон да се “развозувам” низ град. Ќе ја користам, а посленека ја земе некој друг  како мене од Здружението. Планирам и дома да наместам рампа за качување по скалите – вели Стојаноски.

Годинава само двапати не излегол поради обилните дождови. Оди на гости и кај пријателите, каде што може да се качи. Малку му е нервозно кога оди дома, особено кога има сообраќај и не може да ја премине улицата. Не се предава. Не се остава  без седум километри дневно. Вчудоневидени биле и на рехабилитација во Охрид. Минал 15-20 км. низ градот. Се нашетал полека, без многу да се заморува од придвижувањето на количката. 

– Сакам да појдам секаде, но некогаш не можам. Не ми е проблем како ќе се качам ако има скали, туку страв ми е од бактерии. Имам отворена рана на едната нога поради дијабетисот – додава Стојаноски.

Живот му дава седумгодишното внуче од синот, за кое и душата би ја дал. Мака му причинува што не може да го прошета за рака во паркот. Но љубовта кон наследникот му е дополнително сонце во животот кој судбината сакала да го исполни со облаци и ограничување во движењето.

Се радува на секој нов ден. 

Loading