ГЛАС ШТО НАМОВНУВА

Peenjeto ja hrani - SurladzioskaОсмоодделенката Сара Сурлаџиоска од ОУ „Рампо Левката“, од потпевнување дома стаса до членство во црковниот хор „Света Петка“. Музичката приказна почнала со француската песна Je Veux, покрај тоа што францускиот јазик í бил непознат.

– Немав преголема желба за пеење. Дарбата излезе на виделина случајно кога на осум години се пријавив на детското шоу “Мали таленти”, колку да учествувам. Потоа, се запишав и во музичкото училиште. Благодарение на професорката Леонарда Богданоска Гиноска го негувам талентот. Паралелно бев и еден од гласовите во детскиот градски хор “Мали Ангели”, каде секој настап беше проследен со еуфорија – кажува Сурлаџиоска.

Откако открила дека постои нешто што ја прави среќна, а го има во себе, талентот за пеење не го оставила да “венее”, постојано “задевајќи” ги гласовните жици.

Сурлаџиоска е необично квалитен глас со модерен пристап кон музиката.

– Како што дишењето е основно што нé одржува во животот, така го доживувам пеењето – додава таа.

Убавите мелодии се присутни во нејзиното секојдневие. Не поминува манифестација, било патронат, училишна приредба, концерти од музичкото училиште, без песна да се разлее од грлото. Гласот што одекнува меѓу хористите ја истакнува и како одличен соло изведувач. Наежува и одушевува, давајќи í и на најобичната мелодија, нотка на совршенство. Класични композиции, македонски и светски хитови, минале низ нејзините дишни патишта. Прецизна е во интонацијата, а емоцијата на изведбата í е одлика.

– Пеам со срце и душа. Само така интерпретацијата го достигнува врвот. Вложувам труд во она што го сакам. Добив доста пофалби за изведбата на Rise like a phoenix на концертот од музичкото, што ми е стимул да напредувам – вели талентот за пеењето.

Пред две години блесна во финалето на Мали таленти. Како една од малите ангели, покажала високи квалитети за вокална интерпретација. Иискуството ја вовело во тајните на хорското пеење.

– Обожувам да пеам соло. Но, големо задоволство е да се биде дел од хорот “Св. Петка”, со врвни професори од музичката академија и истакнати музичари – додава Сурлаџиоска, на која омилена песна í е Nobody’s perfect од Jessie J., која пак í е омилен изведувач.

Музичката наобразба ќе ја продолжи во средното музичко во Битола. Одвај чека да биде солист и на универзитет. И учењето í оди од рака. Силна страна í се математиката и физиката.

Loading