НАЈМАЛИ СИТНИЦИ ПРАВАТ ГОЛЕМИ РЕЗУЛТАТИ

Фудбал: В сабота Победа го стартува пролетниот дел од првенството

– Многу важни се првите четири кола – потенцира тренерот Крстески

Moment od mecot Pobeda - VelazerimiМожеби резултатите во подготвителниот период не се доволно мерило за екипата на Победа, но играат улога врз самодовербата шесте победи (последната со 1-0 над Велазерими со голот на Котески), трите нерешени, без пораз. Покрај проблемите со временските услови и терените, зимскиот план се одработи над 90 отсто, што е висок процент. Видливо е големо задоволство во стручниот штаб, предводен од Дарко Крстески.

– Секој поединец беше дисциплиниран и одговорен на сите тренинзи и деветте меча. Особено потенцирам на дисциплината, како еден детал. Сум учел од многу големи тренери, а тоа се покажува во праксата дека и најмалите ситници прават големи резултати. Затоа е важно однесувањето од влегувањето до излегувањето од стадионот – вели Крстески.

Годат пофалбите до играчите што се вложиле максимално во зимскиот период. Мошне битно е што сите добија шанса да се покажат и наметнат. Како секогаш, по обичај, јавноста е заинтересирана за новите. Овојпат дојдоа петмина: бранителите Димитриоски (Пелистер) и Ристевски (Силекс), за врска Наумоски (Металург) и Х. Петрески (Гостивар), крилниот напаѓач Иваноски (Тетекс). Колку се навистина квалитетни треба да покажат низ борбата за бодови, а засега важи моментната оценка, која е висока кај нивниот стратег.

– Наумоски е едно освежување во средниот ред, каде го немаме повредениот В. Петрески. Ристевски се покажа бек во офанзива, Димитриоски исто е добар, го познавам шест-седум години и е на влез во првиот тим. На Петрески глас не му слушнав, примерно работи, а најмалиот Иваноски го зедовме да не менуваме во прва минута младинец до 19 години – појаснува тренерот.

Претстојат 13 кола дома со Гостивар и Еуромилк, на гости со Македонија, Љубанци, потоа нов распоред по “словенечки модел” од девет кола, зависно од табелата. Чекор по чекор, првиот е в сабота во Охрид со Гостивар. Екипата на Гостивар не треба да се гледа низ есенските освоени само 13 бода на претпоследното место, бидејќи сега е засилена со деветмина, меѓу кои со прволигашко искуство голманот Петовски, Сали, Велјаноски, С. Велковски, Мариќ, Реџеп. Може да се очекува тврд дуел.

– Екипите се доста засилени, дури и последниот Кожуф не е лесен плен за никого. Во лигата никој не отскокнува, но и нема тим што заостанува. Нема опуштање и на секој меч мораме да дадеме максимум залагање за да стигнеме до целта – порачува Крстески.

Дојде Илиески

Победа можно е да се засили со шести новодојден, стоперот Дарко Илиески од прволигашот Металург. Тој веќе тренира и доколку ги обезбеди документите, ќе се врати во родниот град. Првите натпревари по кои го запознаа гледачите му беа во 11 Октомври.

Во Победа единствено жалат што не дојде до трансфер на шпицот Даноски поради документите, додека Тодороски се вратил во Австралија.

Loading