ПОСЛЕДНОТО ПИСМО

Martina SokoloskaЅвездена вечер го покри темното небо. Појас од ситни светкави ѕвезди трепери над мене. Седам на тревата уште од зајдисонце, чекајќи да се појават ѕвездите. Во една од нив можеби повторно ќе го видам твојот поглед, кој засекогаш врежа место во моето младо срце. Го благословував денот кога те видов првпат. Тоа беше дури нечујно поминување крај мене. Иако беше тивко, го почувствував твојот чекор, го слушнав отчукувањето на твоето срце. Иако погледот ти беше краток, како да ме допираше. Како што ме гледаше, така кожата ми се ежеше, како свеќа се топев пред тебе… Те засакав без да знам ништо за тебе. Се заљубив во тие црни очи, во црната коса. Се заљубив во момчето кое го сретнав таа магична ноќ, во тоа темно ќоше од улицата. Тебе може да те погледнуваат уште илјадапати и повторно да не го видат она што го гледам во тебе. Во тебе гледам личност со која можам да допрам до највисокото ниво на среќата. Секојпат кога те гледам, срцето ми добива чуден тек на биење, а нозете ја губат рамнотежата. Кога и да ја видам твојата зеница во окото, не се наоѓам на земја. Да би можела со векови да гледам како само се смееш, животот – рај ќе ми биде. Ех, кога би знаел дека постои некоја која го чека моментот да ти се втурне во прегратките, да ти ги допре усните! Со тебе каде и да сум, ќе бидам пресреќна. И на крајот од светот со тебе сакам да ги доживеам најубавите моменти кои секој човек ги посакува. Те сакам тебе, таков каков што си, со сите твои мани и недостатоци, со сите дарби и доблести. Нема да те сакам само со срцето, ќе те сакам и со душата, затоа што кога срцето ќе престане да работи, душата ќе продолжи да те сака.

Срцето има искрени желби, кои што немаат никаква поврзаност со желбата да станеш подобра личност или да имаш подобар живот. Срцето само си кажува што сака, тоа не сака ништо повеќе. Сака само да го слушнат, да допре до личноста во чии гради бие, тоа е сé што сака. Тој ден кога сакав да те прашам дали уште го чуваш тоа што ти го дадов, дали чука уште, тој ден те видов со неа. Во грлото тешка грутка се створи и за миг очите ми се наполнија со солзи. Тој ден во мене ја уби само надежта што ја имав за тебе, но љубовта не успеа да ја убиеш, за жал…

А ти кога ќе сфатиш дека не можеш да живееш без мене, кога ќе копнееш по мене, тогаш со солзи во очите ќе ти кажам: “Доцна е за сé.” Само тоа ќе можеш да го чуеш, иако и моето срце ќе копнее за тебе, ќе ме боли душата. Го знаеш ли она чувство кога сфаќаш дека е предоцна, дека ќе биде грев ако продолжиш да посакуваш, кога знаеш дека тој не е ни прв, ни последен, ама за тебе е единствен. Не можеш да ја заборавиш таа личност, срцето те боли, пече како пресечено со срп, очите се отечени и уморни од плачење, душата се уништува, но предоцна е! Па, затоа си ветив себе си дека од сега ќе сакам, но нема да посакувам, ќе љубам, но нема да се заљубувам. Љубовта е чудно чувство, што би можел човек да го почувствува. Најубавото, најслаткото нешто кое се доживува еднаш во животот и кога ќе ти се отпечати во срцето, нема шанса да се избрише. Колку и да сум сигурна дека сум те заборавила, секогаш кога ќе го видам твојот поглед, одново и одново се создава љубов во моето срце кон тебе. Љубовта е толку магично чувство, што тешко е да се опише. Колку и да се пишува, нема да се долови секоја возбуда, секое брзо отчукување на срцето, секој момент исполнет со радост и среќа. Само заљубениот може да знае за љубовната магија, само тој знае што значи мислите да ти бидат постојано кон една личност. Всушност јас не сум таа што мисли на тебе, ти си тој што ми доаѓа во мислите. Ти си првото нешто на што помислувам кога некој ќе ми рече “Замисли си желба”.

Мартина Соколоска,

2-1 клас во СОУ “Ѓорче Петров”

Loading