ВО КОЈА ЛИГА ДА ИГРА, ПОБЕДА МОРА ДА ИТА КОН ВРВОТ

Фудбал: Нема дилеми околу пролетните амбиции

– Ќе имаме една од најквалитетните екипи – смета тренерот Крстески

Novite vo Pobeda Ivanoski Petreski Naumoski Todoroski   Ristevski i DimitrioskiВеќе 20 дена траат подготовките на Победа со вклучени шестмина новодојдени К. Ристевски (Силекс), Ј. Наумоски (Металург), Х. Петрески (Гостивар), С. Иваноски (Тетекс), Д. Димитриоски (Пелистер) и Н. Тодороски (Австралија). Сработени се кондициски тренинзи, за брзинска издржливост, наизменично физички и со топка, а од вчера стартуваше серијата пријателски мечеви. Се сумираат првите стручни оценки на тренерот Дарко Крстески.

– Наидовме на ниски температури и замрзнати терени, но играчите одработија сé што побаравме. Претстои фазата за воигрување низ пријателските дуели каде ќе се види што сме сработиле и колку квалитет моментно имаме за остварување на целта.

Имате ли дилеми околу амбициите?

– Никако. Нема дилеми за она што се знае. Упорно кажувам дека Победа во која било лига да игра има амбиции за прво место. Ако е третолигаш сака да влезе во Втора, ако е второлигаш во Прва, потоа се бори за шампион или излез во Европа. Победа мора да гледа амбициозно.

Амблемот обврзува?

– Додека бев играч, го чувствував тоа. Сега го чувствувам преку играчите. Тешко се носи амблемот на Победа. Се чувствува кај некои играчи дека уште им е тежок и не можат да го носат. Затоа што клубот е еден од најдобрите македонски, со резултати и историја.

Од што сте најзадоволен?

– Дисциплината е на ниво. Немам забелешки, само карактерот на играчите мораме да го засилиме. Така ќе извлечеме поволен исход.

Шестемина новодојдени?

Ја засилуваат конкуренцијата. Баравме освежување, свежа крв. Имаме во одбрана, средина и напад. Можно е да дојде уште некој. Очекуваме во шпицот.

Заминати?

– Само бекот Николов и младиот Рутески се ослободени. Левиот бек Котески останува. Ни требаат 22 играчи и тројца голмани, а имаме и повеќе. Следи скусување на списокот и до 15 февруари ќе го дотеруваме тимот.

Подобри од есеноска?

– Сигурно пак ќе имаме една од најквалитетните екипи. Меѓутоа ги респектираме и конкурентите. Пелистер доста се засили, како и Тетекс, Еуромилк, а Љубанци и Македонија ЃП се ослабени. Ништо чудно да се поправат. И последниот Кожуф не е за потценување. Лигата е израмнета и претстои интересна пролет – резимира Крстески.

Добар прв тест

Вчера Победа го одигра првиот пријателски меч дома против прволигашот Младост Царев Двор. Постигнатиот резултат е во втор план (1-0, стрелец Митрески), а позначајна е играта. Следниот тест е в недела, во Охрид, против српскиот суперлигаш Младост Лучани.

Loading