ВЕТУВАЊА НЕМА, РЕЗУЛТАТИ НЕКА ИМА

Ракомет: Тргнаа подготовките на суперлигашот Прилеп

– Колку ќе работиме, толку ќе успееме – порачува тренерот Петрески

Samo potta vodi do uspeh - Tomce PetreskiПосле 35 дневен одмор екипата на ракометниот суперлигаш Прилеп се врати на подготовките за пролетниот дел од првенството. Со оглед на закажаниот старт на борбата за бодови дури на 12/13 март, има сосема доволно време екипата да се дотера во посакуваната форма.  Со ограничениот буџет, сите тренинзи ќе бидат само во градов. Тоа не е хендикеп во однос на ривалите, бидејќи и есеноска беше истото, а резултатите не изостанаа.

– Настрана не одиме, не си дозволуваме таков луксуз. Каде и да сме, ќе го работиме в сала. Летоска само овде бевме и пак ги наттрчавме противниците. После воведните тренинзи ќе следат понапорни, а на крајот се четири до пет пријателски дуели – најави Томче Петрески, тренерот.

Во екипата остануваат безмалку сите. Тоа е добро, затоа што победничкиот тим не се менува. Сепак заминати има, голманот Менде Божиновски во САД за кого има замени во домашниот кадар, но очигледно нема за најефикасниот од есеноска, десниот бек Горан Шаренац, кој прифати понуда од Австрија. Од стручен агол, тоа беше играч со човечки и ракометни квалитети. Полезен и во одбраната и во напад. Такви се ретки поединци, кои издржуваат во двата правца. Со неговото отсуство, останува празнина. Клубот бара решение, но тешко ќе биде овој зимски период да се најде алтернатива.

– Малку се играчите кои одговараат во два правци. Тешко ќе се најде замена. Правиме напори, но знаеме дека тие се ангажирани во други клубови. Ако споменеме дека цената достигнува до 1500 евра плата, а нашите можностите не се толкави. Продолжуваме сите да го дадеме секој својот придонес – размислува стратегот.

Отсега во мислите се пролетните предизвици. Првин е гостувањето на Работнички, после дома со Охрид, на гости кај лидерот Металург и дома со Радовиш. По основниот дел, продолжува плеј – офот, каде се вклучуваат членовите на СЕХА лигата Струмица и Вардар. Претстојат седум дуели дома и толку на гости. Пролетта е голема шанса уште за еден исчекор, втора можност за влез кај најдобрите и радост за навивачите.

– Ќе биде потешко во плеј-офот, оти остануваат најмоќните, а ние сме ослабени. Ветувањата не се битни, туку резултатите, кои доаѓаат само со залагање од сите чинители: управата, тренерите, играчите. Колку ќе работиме, толку ќе успееме – заврши Петрески

Милош Рајчиќ

Трудот се исплати

Меѓу најистакнатите поединци есеноска беше Милош Рајчиќ, голманот кој на секој меч имаше по 15 до 20 одбрани. Како голем професионалец се јави на првата прозивка и ги почна подготовките. Задоволен е од есента, многу очекува и од пролетта.

– Во клубот очекувањата се да играме плеј оф. Трениравме и се подготвувавме. Искрено се надевавме дека можеме да играме во плеј оф. Од меч во меч лани одевме кон тоа и на крајот сме втори како пријатно изненадување. Сите дадовме максимум и трудот се исплатеше – смета Рајчиќ.

Цела екипа пред монитор

Малку необично, наместо в сала, првиот овогодишен собир на РК Прилеп се случи во ресторанот “Рустика”. Промената беше поради ТВ-преносот од ракометниот меч Македонија – Норвешка во истиот термин. Цела екипа, со управата и тренерите заедно, го проследија дуелот кој заврши нерешено. Потоа имаше кус состанок на кој се образложи планот за подготовките.

Loading