СОУ „Орде Чопела“
Во СОУ „Орде Чопела“ се дебатираше за младински инцијативи – примери за соработка, интегрираност и соживот. Учествуваа млади од сите средни училишта во рамките на проектот за Меѓуетничка интеграција во образованието.
– Се расправа заедно со партнерската организација МОБ и Мултимедија. Проектот се спроведува четири години во сите основни и средни училишта од земјава преку креативни работилници и се “изгради” и креативно катче. Користиме разни методи за разрешување на секојдневни проблеми што ги допираат младите без разлика на етничката припадност – вели Џефахира Пруси Зајази, координатор.
Во дебатниот клуб во СОУ „Орде Чопела“, секој учесник – професор или ученик, имаше улога да ги развиваат дебатните вештини преку дискутирање на разни теми.
– Се обидуваме да се намали дискриминацијата и да се воспостави и продлабочи етничката соработка – вели ученичката Емилија Чавлеска.
– Како дебатор, во улога на обучувач, ги споделував искуствата и знаењата. Почнав критички да размислувам за меѓуетничките групи. Ги пренесов искуствата на идните дебатори – вели ученикот Александар Пижов.
Професорката Анита Бунеска ја пренесе успешната приказна за учеството во 12 креативни работилници.
– Произлегоа силни пораки кои на младите треба да им бидат идеа и водилка за зближување, тимска работа, јакнење на довербата и сопствената самодоверба – вели Бунеска.
Со размената на идеи, професорите и средношколците успеваат да се здружат во разоружувањето на предрасудите и стереотипите, наметнати меѓу различните етникуми.