Воденици во селата Штавица и Марул

Ziva istorija za seloto Marul - Tome VeljanovskiНа осум километри од Прилеп, на ридот Корија, во присојот покрај реката Буковдол, во карпестото место, распострането со дваесетина домаќинства, лежи селото Штавица. Според легендата, во многу старо време наминал некој сточар, овчар по име Мина. Го фатило невреме со снег. Овчарот ги засолнил овците крај карпите и пештерите. Направил колиба и трло во кое ги презимувал овците. Следната година посеал жито, косел трева за сено за овците и товарниот добиток, пронашол добри пасишта, се расположил, се одомаќинил на местото во густата шума. И втората зима ја поминал полесно. Со време, фамилијата на Мина се размножила, изградиле нови живеалишта и населбата почнала да се шири. Во раната пролет на топлиот овчи гној почнало да расте зелје – штаве, кое го береле жителите на околните села. При нивните средби и разговори се прашувале “Ќе одиме по штаве?” или “Бевме по штаве?”.

Во чест на основоположникот на селото, овчарот Мина, на 80 отсто од штавичани куќна слава им е Св. Мина. Некогаш, во смеа му се дофрла на штавичани, “името Мина е влашко “, а тие негираат и велат: “Ние сме Македонци, со ист говор како и вие.”

Селска слава е Мала Богородица, рожденство на Богородица. Селото има цркви. Синорот не е голем, до девет километри должина и шест километри во широчина. Штавичкото население живее од земјоделие и сточарство. Зиме жителите плетат кошеви од лескови прачки и кошници, кои лесно се продаваат и се заработува екстра.

Воденицата Дерменџиеска била на некој воденичар кој не оставил потомство. Воденицата останала за штавичани ујемот да го користат за селската црква. Низ селото врват две рекички, кое селото го делат на три маала. Реките имаат големи води зиме. Изградени биле воденици за егзистенција. Стопани биле плочарите Илоски, Делоски, Талески, Далипоски, Бутески, Кукески, Мицоски, Пашоски, Јолевци, Бозгески, заедничка Никола и Коста Дамески и Милеска со Маркоска, Мелезоска, Деркоска, а Дерменџиеската била црковна.  

На 15 километри од Прилеп, во подножјето на Селечка лежи селото Марул. Со четириесетина домаќинства во 1970 година. Го делат две реки, Капинешката и Ореовската. Кога почнале да се употребуваат изумите за човековите потреби, жителите направиле воденица. Во подмолскиот синор немало квалитетен материјал за воденички камења. Подмолецот со име Марун навлегол преку брегот во густата шума да извади квалитетен воденички камен за мелење брашно. Марун имал природна мана во говорот, пелтечел и си го изговарал погрешно името. Наместо Марун, велел Марул. Скитал низ шумата и нашол квалитетен камен. Го изработил воденичкиот камен како душата што му сакала. Го обележал местото и се вратил во Подмол. Со тогашните технички вештини, каменот го донесол во Подмол. Сите се чуделе и прашувале од каде го извадил. Кога некој подмолец ќе прашал од каде Марун го извади каменот, подмолците во шега одговарале “Марун воденичкиот камен го извади од Марул”. Така новото место го завикале Марул. Марун се преселил фамилијарно. Изградил живеалиште. Од потомството се основале уште осум населби покрај тогашното крајбрежје на езерото и сите населби заеднички го добиле името Девет Марули. Од тие населби, нешто чумата поништила, нешто Турците запалиле, а преживеаните од страв се вратиле да живеат во денешното село Марул. Името останало вечно од говорот на воденичарот Марун – Марул.

Поради квалитетот, марулските воденички камења станале прочуени и во античко и во поново време. Се слушало и до солунско и пошироко. Дури се продавале поскапо. Околните села се снабдувале со марулски камења, а жителите испеале песна.

Во Марул имало две воденци – Бозгеска и од бегот Јусув Зеленпаша. Бозгеската била на куќно место во денешниот говедарник на Новачевци – Димитриовци до реката. Воденицата примала вода од два јаза. Едниот бил од реката Бочилешка, вториот го фаќала водата на реката Ореоска, кон црквата. Двете води се мешале и со заедничка сила го потерувале воденичкото коло во погон за мелење брашно.

Воденицата работела до 1885 година, кога бегот Амдија Лазески силум им го одзел куќното место со се воденица и му го доделил на момокот Гулабоски, кој му слугувал за сите работи, додека Бозгевци ги протерал. Неискусниот Новаче ја растурил воденицата.

 

Марулските каменари

 

Давај ме, мила мамо, давај

во Марул не ме давај

марулчани се мила мамо

стари, млади сите каменари.

 

Дома не си идат мамо

своите куќи да си ги видат

деца, жена за да видат

со нив дома да си бидат.

 

Во стените, дење камења сечат

од Веслец ноќе дрва влечат

дрвен ќумур да направат

потребните алати да си ги поправат.

 

Во Битола на пазар

со камења тие поаѓаат

од пазар за дома

со пари си доаѓаат.

 

Беговски чифлизи да купат

македонска земја да ја откупат

денови верски за да слават

свадби, крштевки да прават.

 

Томе Велјановски – Гетеборг, Шведска. 

Loading