ДЕМАНТ

На ден 6 февруари 2015 г. во изданието на печатениот весник Зенит на стр. 4 објавена е статијата со наслов “Секоја минута е долга како век”, која што се однесува на работењето на Службата за итна медицинска помош во Прилеп.

Во таа статија барателот е споменат во својство на раскажувач на делови од статијата во неколку наврати и тоа најпрво се наведува дека д-р Топчиоска раскажува за случај дека “по пријавена сообраќајка случена над Прилепското езеро, на лице место возачот го немало, па вработените во итната медицинска помош го барале наоколу, но повредениот го немало никаде, а потоа истиот тој повреден бил донесен во амбулантата со друго возило оти избегал од незгодата, бидејќи бил со швалерката”, а подолу во истата статија повторно се наведува дека д-р Захарија Топчиоска раскажува за случај кога цитирам “за преглед чекаа десетина лица во ходникот. Прашавме кој смета дека е за итно, прв да влезе. Пристапи жена која 3-4 години страда од депресија, сметајќи дека нејзиниот случај е поитен од дете кое гореше од температура”.

Погоренаведените објавени наводи, д-р Захарија Топчиоска НИКОГАШ ПРЕД НИКОГО ГИ НЕМА ИЗЈАВЕНО, ниту пак истата дала дозвола нејзиното име да се споменува во цитираната статија.

Сметаме дека со објавувањето на статијата е злоупотребено името на д-р Захарија Топчиоска, а воедно се искажани и претставени одредени факти кои што барателката никогаш не ги изјавила, а во статијата е претставено дека таа лично ги искажала. Со таквото непрофесионално однесување на новинарот што ја пишувал статијата, како и на уредникот на весникот, се објавиле наводи кои што барателката никогаш не ги искажала со што е повредена честа и угледот на д-р Захарија Топчиоска.   Имајќи го во предвид погореизнесеното, а согласно чл. 13 и чл.14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, од насловот бараме најдоцна во рок од 48 часа од денот на приемот на ова барање да објавите статија со извинување за фактот што е повредена честа и угледот на д-р Захарија Топчиоска, како и демант на сите изнесени факти, а во спротивно ќе бидеме приморани да иницираме постапка пред надлежниот суд во која што ќе бараме да исплатите справедлив износ на име надомест на нематеријална штета за навреда и клевета, заедно со казнена камата, како и да ги надоместите сите адвокатски, судски и трошоци на извршување кои што ќе произлезат од постапката.  

д-р Захарија Топчиоска

ИЗВИНУВАЊЕ

Редакцијата на весникот доби писмено барање за извинување и за објава на демант од д-р Захарија Топчиоска. И се извинуваме на д-р Топчиоска и на читателите за техничкиот пропуст кој е направен при што е заменето името на докторката, односно во пасусите за директен говор стои името на спомената докторка, наместо на нејзините колешки. 

Во име на вистината, информираме дека деталите, случките и настаните кои се опишани во текстот се добиени од дежурниот тим на Итната помош која ја посетивме, а дозволата за споменување на нивните имиња во текстот ја добивме од началникот на Службата за итна помош, д-р Гоце Јонзоски.                                  

Loading