МЕРМЕРОТ, ЗАГУБАРОТ И ИЗГРАДБА НА БОЛНИЦИ СЕ МАГНЕТИТЕ ЗА СТРАНЦИ

Индиска делегација заинтесирана за инвестиција во Прилеп

– Во Индија, во овие области се вработуваат повеќе од 2000 луѓе, а спремни се дел од тој тренд да го пренесат и кај нас

Indicijte go merkaat mermerot vo okolinata na PrilepЗа белиот мермер, за загубарот Еурокомпозит и за инвестиции во прехранбената индустрија пројавила интерес повеќечлената делегација на Гарг групацијата на индустри од Њу Делхи, од Индија, по посетата на неколку стопански капацитети. Странската делегација, во друштво на заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Климент Шеќеровски, ја посети и локалната самоуправа каде на средбата со новинарите ги изразија намерите за инвестиции. Доаѓањето во Македонија на индиската групација од четири компании е резултат на неодамнешната посета на македонска владина делегација, предводена од премиерот Никола Груевски во Индија каде беа презентирани бизнис можностите и поволностите за инвестирање во Македонија.

– Во соработка со Општината беа презентирани повеќе проекти за кои индиската групација е директно заинтересирана, а се посетија и повеќе стопански капацитети како можност индиските компании своите активности да ги почнат веднаш за директно креирање на нови работни места. Компаниите се заинтересирани за прехранбената индустрија, за белиот мермер, а се посети и наменската фабрика и загубар Еурокомпозит. Доколку нивниот план се оствари, може да покажат и поголем интерес – изјави Климент Шеќеровски, заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции.

Претставниците од бизнис делегација од Индија остварија средба со градоначалникот Марјан Ристески, при која им беа презенирани повеќе проекти што ги нуди генералниот и деталните урбанистички планови, а беа посочени и идни проекти, потенцијални за инвестирање.

– Заинтересирани сме за Еурокомпозит, како и за дел земање под концесија, како на белиот мермер кој се ископува во Прилеп. Голем интерес имаме за капитални градежни објекти. Во Индија, во овие области вработуваме повеќе од 2000 луѓе. Спремни сме дел од тој тренд да го пренесеме тука. Би сакале да инвестираме и да се отворат нови работни места. Заинтересирани сме да направиме повеќе за вашата држава и преку вас да развиеме бизнис со европските земји. Впечатоците се позитивни, бизнис климата ни се допадна и очекуваме набрзо пак да ве посетиме со конкретен проект кој би го финансирале – вели Ракеш Јадов, надворешен финансиски директор од групацијата Антрикш Инженеринг од Индија. 

Индијците биле заинтересирани и за посебни парцели каде може да се гради, како и за медицински клиники кои како дел од групацијата се директно вклучени. Нивниот интерес е од голема важност за создавање економски просперитет во градов, а со себе повлекува и креирање на нови работни места во регионов.

– Индија важи за една од најнапредните економии во светот. Делегацијата е многу битна, не само за Македонија, посебно и за Прилеп, оти пројави интерес во областа на минералните суровини, во загубарот Еурокомпозит, како и прехранбената индустрија. Беа напомнати и други можности за инвестирање во хотели, болници – изјави градоначалникот Ристески.

Впечатокот од бизнис климата кај делегацијата бил доста позитивен. Затоа најавија скорешна повторна посета, со конкретни поекти и идеи произлезени од средбата.

Покрај Прилеп, нивната посета вклучуваше повеќе региони, меѓу кои и најголемите туристички центри, Охрид, Струга, со што групацијата доби целосна слика за Македонија, нагласувајќи дека нашата држава ќе биде посебен штаб, центар, каде ќе произведуваат делови особено за Европа и пошироко.  

Loading