ТАЛЕНТИРАН ХЕМИЧАР ПРЕД СВЕТСКА ОЛИМПИЈАДА

Гимназија “Мирче Ацев”

Cekor po cekor do Olimpijada - Stefan NedelkoskiГимназијалецот Стефан Неделкоски под менторство на професорот Блаже Димески, се впушта во нов “поход” за освојување нови “територии” од хемијата. Ланскиот првак по хемија од сите етапи од општински, регионален и државен натпревар во втора категорија – ученик во втора година средно, на чекор е да обезбеди “билет” за Светската Олимпијада по хемија, на која првпат има право на учество и Македонија со петмина хемичари. Нашиот Стефан, на првата рунда квалификации повторно воодушеви со резултатите, освојувајќи второ место во конкуренција на првите 10 места од ланскиот натпревар од сите категории, односно од вкупно 40  ривали.

– На квалификациите за Олимпијада бев втор. Неколку поени ме делеа од првото место. Радосен бев за достигнувањето, оти не ми е целиот материјал доземен, а имаа поголеми шанси учениците од четврта година или студентите што се на факултет. Задоволен сум, оти сум трета година. Се надевам на повисоки успеси на Олимпијадата – вели надарениот хемичар Неделкоски.

На натпреварот, оти не секое училиште од државава е опремено со лабораторија, било одлучено да нема експериментален дел, туку теоретски прашања со повеќе точни одговори, 6 задачи и практичниот дел наместо во лабораторија, да се опишува теоретски, односно даден замислен експеримент. Прашањата од применета, физичка хемија биле составени од професори од Институтот по хемија при ПМФ.

– Натпреварот траеше 3 часа. Напорно беше. Имаше доста органска хемија, неорганска, што не се поминати, а и доста задачи кои како урнек ги зедовме од минатите олимпијади. Се спремав од учебниците по хемија, тестови од ланските натпревари и од сите изминати олимпијади. Менторот ми обезбеди и универзален учебник по хемија од светски автори со материјали од факултет кој многу ми помогна – вели Стефан.

На втората рунда квалификации продолжуваат десетмина од 40 натпреварувачи, кои во следниов период ќе одат за викенд или преку недела да работат со универзитетски професори. А напролет, кога ќе се организира вториот тест, ќе поминат половина од овие 10, кои в лето ќе одат на Олимпијада, а Стефан има голема предност да биде меѓу нив зашто сонува да биде олимпиец во знаење по хемија.

– И учеството на олимпијадата е успех. Има бенефиции. Ланското прво место на државен ми овозможи 100 отстотна стипендија на ПМФ во делот хемија, а сето ова е само плус за можност за друга стипендија, запознавање со странски факултети, вработување во државава или надвор – додава Стефан. 

Loading